Адеми: „Вреди“ е во непријатна ситуација, бидејќи како нелигитимен претставник сега плаче да биде дел од владата

 

Она за што алармираат ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, како што рече Адеми, е доследно почитување на Охридскиот рамковен договор и почитување на консензуалната демократија
Најважно е да се ужива поддршката од граѓаните и да се има легитимитет даден од нив, а не како губитник да молиш, да плачеш да си дел од власта, изјави денеска Арбер Адеми од ДУИ алудирајќи на коалицијата „Вреди“ која е во преговори со ВМРО-ДПМНЕ за состав на новата влада.

Она за што алармираат ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, како што рече Адеми, е доследно почитување на Охридскиот рамковен договор и почитување на консензуалната демократија.

„Гледаме тенденции да се минира сето тоа што е постигнато од 2001 година со потпишување на Рамковниот договор досега. Гледате и во програмите на политичките партии кои сакаат да ја сочинуваат владата имаат определби и за елиминирање на Бадентер. Ова се механизми за заштита од мајоризација. Така што внимателно ги следиме сите политички случувања, а истовремено до нас како политичка партија се адресираат барања од интелектуалци, претставници на академската заедница, активни граѓани, за различни модели и за дефинирање на правниот поредок“,

рече Адеми одговарајќи на новинарски прашања по настанот по повод Денот на Европа во организација на Европското движење во Северна Македонија во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“.
Според него, коалицијата „Вреди“ е во непријатна ситуација, бидејќи како нелигитимен претставник и како политичка опција која претрпела пораз сега „моли, плаче да биде дел од владата“. Тој нагласи дека „Вреди“ пред изборите кажале дека нема влада без уставни измени, а сега не се придржуваат на таа нивна позиција.

„Велат да ги почекаме изборите во Бугарија. Не преговараме веќе со Бугарија, туку со ЕУ. Велат да почекаме избори во ЕУ, а потоа вчера господинот Тарвари рече да ги почекаме изборите во САД кои ќе бидат во ноември, а новата администрација ќе почне во 2025 и тогаш ќе завршат изборите во САД. Нема да ме изненади и да имаат став дека треба да ги почекаме изборите во Германија, Франција, Англија, Грција. Тие немаат политичка сила и тоа се очекува“,

изјави Адеми.
Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“ која води преговори со ВМРО-ДПМНЕ за состав на идната влада, денеска изјави оти е сигурен дека овој владин состав ќе ги започне преговорите со Европската Унија.

Според него, откако ќе започнат преговорите со ЕУ, треба да се отвори дебата за нов Устав.

„Јас мислам дека би било добро за државата кога ќе ги започнеме преговорите да отвориме и дебата за промена на Уставот. Мислам дека на Македонија ѝ треба нов Устав“,
рече Таравари.\

ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ сè уште разговараат за формирање на новата влада, иако поделбата на ресори веќе е објавена, а неофицијално се споменуваат и имиња на новите министри.

Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.

Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.

Според партиски најави, новата влада треба да биде избрана и да стапи на должност до 20 јуни.

Back to top button
Close