Адеми за односите со Таравари: Комуницираме, но немаме договор за заеднички настап на локалните избори

Комуницираме со сите партии, но немаме посебни преговори со Арбен Таравари за заеднички настап на локалните избори, тврди потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според Адеми, нема никаков официјален договор, ниту се одржала средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Таравари како лидер на едното крило на Алијанса за Албанците. На прашањето кој е каналот за комуникација за кој зборуваше Таравари, Адеми посочува дека освен пратениците и тој лично контактира со ВЛЕН.

„Ние како Демократска унија за интеграција секако дека имаме канали за комуникација со сите партии. Бидејќи Република Северна Македонија е мала држава, сите се познаваат меѓу себе, ние со сите сме имале некоја соработка од минатото. Сите овие политички партии биле во коалиција со Демократската унија за интеграција, а некои се и класични деривати од ДУИ. Добар дел од нив биле дваесет, повеќе од дваесет години во нашата политичка организација, биле поранешни функционери. Само Арбен Таравари не бил дел од ДУИ, секогаш бил опонент на Демократската унија за интеграција, но сме имале соработка во минатото, не еднаш, мислам дека двапати сме биле коалициски партнери во владата“,вели Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.

Адеми ги негира тврдењата на тројцата коалициски партнери во ВЛЕН (Изет Меџити, Зеќирија Ибрахими и Билал Касами) кои одрекоа комуникација со ДУИ.

Адеми: Не, не е точно и лично ако сакате, јас имам комуникација со сите политички партии од сцената. Не само партии од албанскиот блок, туку и партии од македонскиот блок. Долго време сме дел од политичката сцена, така што со едни и со други сме соработувале, имаме и комуникација. Не би било нормално ако воопшто не би имале никаква комуникација. Не би било нормално бидејќи и пратениците, нели, се гледаат во Собрание, комуницираат меѓу себе, сигурно дека дискутираат и за политичките случувања, па и на пријателска основа од некоја поранешна соработка со различни политичари, од различни политички партнери.

„360 степени“: А има ли разлика во квалитетот и динамиката на комуникација, да речеме, од една страна меѓу ДУИ и Таравари, а од друга страна меѓу ДУИ и другите три партнери во ВЛЕН?

Адеми: Јас не би кажал дека ДУИ како политичка организација, како политичка партија, има официјални преговори. Не, со никого нема официјални преговори, официјален договор со никого немаме. Ако има такво нешто, би го обелодениле пред јавноста благовремено.

На прашање дали имало понуда од ДУИ до Таравари за заеднички настап на локалните избори, Адеми повтори дека нема ниту понуда, ниту официјални преговори.

Во минатонеделното интервју за „360 степени“, актуелниот министер за здравство Арбен Таравари порача дека неговата партија, но и другите од коалицијата „Вреди“ имаат комуникација со ДУИ.

„Видете, канали на комуникација постоеле и не верувам дека некои од партиите немаат. Знаете како е, ова е мала држава, така што има одредени луѓе комуницираат и ме информираат дека комуницираат, нормално. Дали сме договорени, кога ќе се договориме, јавно тоа ќе го направиме, нема што да криеме. На крајот на краиштата, јас сакам ВЛЕН да направи добар резултат, меѓутоа сакам и Алијанса за Албанците да има добар резултат, секако, како што сака и Билал Касами за Беса, како што сака Зеќирија Ибраими за Алтернатива, Изет Меџити за својата партија. Тоа е нормално.“кажа Таравари.

Back to top button
Close