Адли од Баер во Борнмут
Мароканскиот фудбалски репрезентативец Амин Адли, кој ја почна својата кариера во француски Тулуз, го напушти бундеслигашот Баер Леверкузен за да потпише петгодишен договор со Борнмут, објави денеска клубот од Премиер лигата.
Дваесетипетгодишниот Адли ќе дебитира во Премиер лигата овој викенд, откако настапуваше во германското првенство од 2021 година.
Адли ја освои двојната круна во германското првенство и купот со Баер во сезоната 2023/24 под водство на Чаби Алонсо. На 143 натпревари за клубот од Леверкузен, постигна 23 голови и додаде 25 асистенции.
Според медиумските извештаи, Борнмут платил 29 милиони евра за да ги откупи преостанатите три години од договорот на Адли со Баер.
„Тој е некој што играл на највисоко ниво и неговите амбиции совршено се совпаѓаат со нашите“, рече раководителот на фудбалските операции на Борнмут, Тијаго Пинто.