Администрацијата на Трамп го поканила Додик на Молитвениот појадок во Вашингтон – три месеци по укинувањето на санкциите

Неформалниот лидер на ентитетот Република Српска во рамките на Босна и Херцеговина (БиХ), Милорад Додик е поканет од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на Молитвениот појадок во Вашингтон на почетокот на февруари.

Поканата доаѓа по само три месеци откако Соединетите Американски Држави (САД) ги укинаа санкциите кон Додик, под кои се наоѓаше со години поради неговите политички потези кои ја доведуваа во прашање целовитоста на Босна и Херцеговина.

Дека добил покана да присуствува на Молитвениот појадок Додик потврди во интервју за српскиот весник „Политика“, но, како што кажа, не е сигурен дали ќе патува за Вашингтон бидејќи во истиот период треба да се одржат повторените претседателски избори во Република Српска.

Изборите на кои на 136 избирачки места во Република Српска граѓаните ќе бираат меѓу кандидатот на партијата на Додик СНСД, Синиша Каран и опозиционерот Бранко Блануш се закажани за 8 февруари, додека свеченоста во Вашингтон е планирана за 7 и 8 февруари.

„Како претседател на партијата, имам обврска да бидат таму (Република Српска), да ја организирам структурата за која треба да се гласа. Ќе видиме, ако има простор за одење (во Вашингтон), ќе одам“, вели Додик.

Говорејќи во истиот контекст, тој рече дека поддршката што ја дал за Трамп и за време на неговиот прв мандат и сега не поминала незабележано. Според Додик тоа придонело за релаксирање на односите меѓу САД и Република Српска.

Соединетите Американски Држави воведоа санкции против Додик во 2017 година поради неговите потези кои се сметаа за закана за стабилноста на Босна и Херцеговина и кршење на Дејтонскиот мировен договор. Сепак, на крајот на октомври, минатата година, американските власти го тргнаа поранешниот претседател на Република Српска од листата на санкционирани заедно со 48 други физички лица и деловни субјекти поврзани со него.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close