Адутите на Бербок се слаби соочени со македонската реалност

 

Аналена Бербок дојде во Скопје да помогне за уставните измени. Си замина со веста за смртта на 5-годишно девојче во државна болница. Нема таков адут кој може да ја промени македонската реалност. Пишува Борис Георгиевски

Аналена Бербок дојде и заминаСпоред неофицијалните најави, по неа во наредните месеци ќе следуваат уште бројни други водечки европски политичари и дипломати. Сите со една цел: да ги убедат домашните политичари, во прв ред од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, да ги поддржат уставните измени.

Шефицата на германската дипломатија од Скопје испрати  бројни охрабрувачки и позитивни пораки кои толку го окуражија министерот за надворешни работи Бујар Османи што оцени дека Германија стана „штит на предизвиците“ со кои се соочува Северна Македонија. Германија е најмоќната и најбогатата држава во Европа, и поддршката од Берлин е многу значајна за Скопје, како во политичкиот, така и во економскиот дел. Кога Бербок ќе каже „Германија е со вас“ и „нема да ве оставиме сами“, тоа не се само празни флоскули и убави зборови, туку ставови кои имаат темел во 30-годишните билатерални односи на двете држави.

Но, посетата на Бербок не промени многу на политичката сцена во земјата. Нејзината главна цел, како што најавија уште ден претходно од Берлин, беше да им даде поттик на уставните измени. Притоа, во соопштенијата, брифинзите и јавните настапи забележливо беше дека многу се внимавало на речникот во пораките. Бербок им се обраќаше на „Македонките и Македонците“, ги потенцираше вредноста на идентитетот, културата и јазикот, зборуваше за значењето на европската разноликост…

Без успех, или неуспех?

Но, очекуваниот пробив не се случи. Се чини дека власта не е ни милиметар поблиску до бараните 80 пратеници во Собранието кои би го изгласале вметнувањето на Бугарите во Уставот. Од тој аспект, веројатно најотрезнувачки за Бербок беше 35-минутниот состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на состанокот во резиденцијата на германската амбасада во Скопје дојде придружуван од потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски. Од некоја причина, домашните медиуми не беа информирани за овој состанок, но подоцна од партиско соопштение дознаа дека „Мицкоски нема да прифати уставни измени под бугарски диктат“.

Христијан Мицкоски Аналена Бербок Скопје
Средба на Христијан Мицкоски и Аналена Бербок во СкопјеФотографија: Richard Walker/DW

Таквиот став не е новина, но би било вест јавноста да дознае како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го замислува напредокот во европскиот процес, без оглед дали е на власт или во опозиција? Доколку не се точни шпекулациите дека Мицкоски на некои странски дипломати им ветувал дека ќе ги протурка уставните измени по (евентуалната победа на) изборите, нему му остануваат две опции:

  • одново да преговара со Бугарија (а со тоа и со ЕУ);
  • или воопшто да не ги спроведува уставните измени.

Првата варијанта веројатно би значела нови загубени години со неизвесен крај, а втората уште многу загубени генерации со многу извесен крај.

Погледнато само од аспект на уставните измени, посетата на Бербок на Скопје не може да се опише како успех. Но, неуспех би бил претежок збор. Од јуни 2022 досега, во Скопје дојдоа германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер и сега шефицата на дипломатијата. Пред помалку од 5 години, на 8 септември дојде и екс-канцеларката Ангела Меркел. Сите од ред ја потврдија заложбата на Берлин да и се помогне на земјата и да се истурка на европскиот пат. За Германија секако би било од корист да се надминат споровите на Балканот и целиот регион да тргне цврсто на патот кон членство во ЕУ. Но користа која од тој процес би ја имала втората страна, во случајов Северна Македонија, е немерливо поголема.

Слаби адути 

Објективно, адутите во раката на Бербок, и на сите други европски политичари кои во наредниот период ќе се најдат во убедувачки мисии во земјава, се многу слаби. Нивната јачина не ја диктира желбата на европските политичари да се помогне, туку политичката реалност- „центрите на влијание“ кои ја држат земјата во заложништво; и секојдневието во Македонија кое станува се потраорно и потешко.

Прво, и веројатно клучно, никој од нив не може да гарантира дека и по уставните измени, Бугарија нема да поставува нови барања во текот на преговорите. „Зборот“ кој Бербок го даде пред македонската јавност е искрен, но не и доволен. Можеби додека е таа на функцијата навистина нема да има нови барања, но преговорите се процес кој трае со години, ако не и децении. Факт е притоа, дека во моментот кога ќе се отвори првиот кластер и формално ќе започнат пристапните преговори, можностите на Софија да блокира далеку се намалуваат.

Аналена Бербок Стево Пендаровски Скопје
Аналена Бербок и Стево Пендаровски во СкопјеФотографија: Thomas Trutschel/photothek/IMAGO

Но, тоа е приказна која тешко допира до македонската јавност. И токму тоа е вториот фактор, кој влијае да им се избиваат адутите од рацете на европските политичари, а нивните пораки да се одбиваат од ѕидот на македонската јавност како пинг-понг топче: „се изнаслушавме вакви ветувања во изминативе 20 години“- е најчестиот одговор. Падот на довербата во ЕУ го покажуваат речиси сите релевантни анкети последниве месеци, а се гледа и од интересот на јавноста за ЕУ интеграцијата и уставните измени. Голем број разочарани македонски граѓани одамна веќе не го препознаваат ликот на ЕУ во Аналена Бербок или Жозеп Борел. За нив, ЕУ денес се Румен Радев, Бојко Борисов или Екатерина Захариева. И сеедно им е дали ќе станат дел од таква Унија во која некој од нив ќе им кажува како да се чувствуваат и на кој јазик зборуваат.

На денот на посетата на Бербок, главна вест во земјата беше смртта на 5-годишно девојче во битолската болница под, сѐ уште, неразјаснети околности. Не постои европски политичар, ниту може да има таков адут, кој ќе ги убеди граѓаните, не само дека вреди да се прават уставни измени, туку и да се живее во таква држава.

„Ако не сакате сите млади да одат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесете овде“, порача Бербок од Скопје. Во истовреме, во четвртокот во Берлин, германската владејачка коалиција постигна согласност за зголемување на квотите за увоз на работна сила од земјите на Западниот Балкан од сегашните 25.000 на 50.000 луѓе годишно.

Доколку Владата и политичарите во Македонија продолжат да зборуваат за уставни измени и предвремени избори, наместо да работат на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, квотата брзо ќе се пополни.

Back to top button
Close