Адвент – четирите недели пред Божиќ во германските фамилии

Токму кога годината се приближува во декември на својот крај, а природата секој ден се‘ порано потонува во вечерниот мрак, во германските фамилии децата со нетрпение го очекуваат „Адвент”. Во западноевропскиот христијански свет Адвент го означува, пред се‘, времето на четирите недели пред Божик. Зборот потекнува од латинскиот „Аdventus“,(доаѓање) или „Аdventus Domini“ (доаѓањето на Господа) и се однесува на времето пред празникот на Христовото раѓање, Божик. Тоа време за Германците е исполнето со обичаи кои ја симболизираат предбожикната радост. Во католичката црква со првата недела на Адвент започнува новата црковна година. За разлика од православната црква, во која таа започнува на 1 септември, во католичката црква тој датум паѓа на почетокот на првата недела во Адвент. Тој може да биде во деновите од 27 ноември до 3 декември. Оваа година првата недела на Адвент беше вчера, на 27 ноември.

Време на пост

Во раните христијански столетија и во католичкиот свет денешното најблескаво, најслатко и најмиризливо време од годината беше време на постот, покајанието и духовната подготовка за средбата со празникот на Христовото раѓање. Затоа и во католичката црква тој период започнуваше на  Св. Мартин(11 ноември)  и завршуваше на Богојавление (6 јануари). Предбожикното време со векови во католичкиот свет беше исполнето со пост и молитва, но по 1917 католичката црква го укинува постот, а времето на Адвент се ограничува на четирите недели пред Божик.

-Повеќе: Светлината на празниците

Адвент во литургиската симболика се означува со виолетовата боја на свеќите за првите две и последната недела, додека бојата на третата недела е розовата. Во католичките цркви во првата недела на Адвент се поставува на високо постолје или виси, закачен на таванот, голем венец од зимзелени гранки, украсени со виолетови ленти. Тогаш се пали првата свеќа, на која секоја недела и‘ се придружува следната. Во католичката и протестантската црква секоја недела има сопствено литургиско значење. Првата недела е посветена на Второто доаѓање на Христа, па се читаат извадоци од Откровението Јованово. Втората недела е во чест на Св.Јован Крстител, предвесникот на Хриството Раѓање, а третата е во знакот на Божикната радост, па затоа и литургиската боја е розова. Во последната недела се слави Богородица.

Со почетокот на Адвент, денес секојдневието во германските градови се преобразува во еден бескраен претпразничен ритам кој во последните три децении се‘ повеќе е диктиран од прехранбената индустрија, но и онаа за секакви божикни украси. Кога речиси пред четириесет години се преселив во Германија, Адвент уште имаше многу приватна атмосфера. Таа се остваруваше со украси во домовите кои секој ги правеше сам. Многу од нив беа уште од најприродни материјали, а доминираа две бои, зелената и црвената, односно пурпурната. Денес се чини дека модерниот конзум се обидува во предбожикното време да биде колку што може поблескав и погласен. Додека порано во големите стоковни куќи се слушаа божикните песни како тивок, заднински ритам, денес традиционалните божикни песни, но и модерните божикни хитови, ја надгласуваат вревата на купувачите.

Секако, една е логиката на конзумот, а друга таа на традиционалните обичаи кои, за среќа, уште многу луѓе во Германија успеваат да ја сочуваат. Имено, целта на предбожикното време, како збир од обичаи во фамилиите, е да се израдуваат децата. Ним, почнувајќи од празникот Св. Никола на 6 декември, им се чини дека времето до Божик е многу долго, затоа што нестрпливо ги очекуваат Божикните подароци. Така во 19 век најнапред во протестантската црква е воведен „адвентскиот венец“. Додуша, првиот адвентски венец, воведен во протестантскиот Хамбург во дом за сираци за да се внесе радост во нивното безлично секојдневие, бил едно тркало од кочија, врз која Јохан Хинрих Вихерн (Johann Hinrich Wichern) поставил четири големи свеќи. Подоцна обичајот со адвентскиот венец од зимзелени гранчиња и четири свеќи станал омилен, на пример, и во католичкиот Келн. Така тој подоцна станал типичен за  германското предбожикно секојдневие.

Адвентски венци

Нема германски дом во кој на масата во првата недела не се поставува „Adventskranz“. Потоа се пали првата свеќа и се пеат првите Божикни песни во Адвент, а роднините и пријателите си испраќаат адвентски честитки. Секако, за магијата на ова најубаво веме во годината во германските фамилии се задолжени мајките. Тие ги украсуваат заедно со своите деца домовите, дворовите, прозорците на куќите. Адвентското, предбожикното украсување е врвот на годината и во училиштата. Затоа во Адвент одеднаш светот почнуваа да блеска со секакви светилки, со што зимскиот мрак се ублажува. Се‘ почнува да се зеленее и црвенее!

Адвент Божик
Адвентски венец и божиќна декорацијаФотографија: picture-alliance/OKAPIA

Тркалезните венци за Адвент обично имаат радиус од 25-40cm. Се прават од бор, туја, елка, но и од шимшир, илекс и бршлен. Во последно време како материјал кон зимзелените дрвја се придружија и медитеранските, како маслинки, рузмарин, евкалиптус, ловор или мирта. Откако ќе се приближи крајот на ноември, уживам да го преобразувам домот со предбожикни украси. Сечејќи од бел картон безбројни бели ѕвезди со кои од стаклата на прозорците правам вистинско ѕвездено небо. Секако, и адвентскиот венец го правам сама, од секакви зимзелени и медитерански растенија кои, за среќа, не ги има само во германските цвеќари и пазари, туку и во многу градини. Уживам да одам на пазар во Адвент и да трагам по егзотични зелени гранки. Најубави и најмиризливи се адвентските венци кога во празнината од кругот се ставаат мандарини, јаболка и ореви, со свеќи од чист восок. И, секако, за мене адвентскиот венец е најубавиот кога во празнината на неговиот круг ставам црвени калинки, за мене симболот за Македонија. Всушност, нема граници за творечката фантазија во украсувањето на адвентските венци за масата, но и за влезните врати, за прозорците, за ѕидовите, за огништето. Тие, се разбира, се особено убави кога се украсуваат со големи црвени кадифени и свилени ленти.

Адвент Божик
Предбожикното време е време за колачи и слатки задоволстваФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Од првиот ден од Адвент, па се‘ до 24 декември, за германските деца важи и еден друг календар. Имено, календарот со вкусот на големото изненадување и на ситните подароци и чоколатца! Во календарите за децата во Адвент кои, се разбира, се најубави кога мајките самите ќе ги направат за своите деца, секој ден се отвора една вратничка или една ќесичка со малечко подароче. Тоа за миг го смирува нестрпливото очекување на поголемите подароци за Божик! Низи од шарени хартиени ќесички или платнени торбулиња, полни со колачиња и чоколади, во германските домови се закачуваат на вратите, на прозорците, на витрините во кујните. И го преобразуваат домот во вистинска шарена зимска приказна, во блескава предбожикна бајка. Адвент за Германците е времето кога се посетуваат и се канат на божикни слатки и варено слатко вино, пријателите и роднините. Особено кога на викенд напладне минувате крај германски домови, воздухот околу нив мириса на цимет и ванила, на чоколада, на топли вафли, на божикни слатки. Тоа е затоа што божикните колачи мајките ги прават заедно со децата обично з

а викендот, кога сите имаат повеќе време.

Кица Колбе

Извор: дв

Back to top button
Close