Адвокатката Јошевска-Анастасовска: Наместо врескање кога треба и не треба, со ладна глава да се види каква е праксата во ЕУ за несреќи со смртни последици
Вчера беше објавена пресудата за тешката сообраќајна несреќа на „Партизанска“, каде животот го загуби младата Фросина Кулакова.
Судот даде 12 години затворска казна за возачот Васил Јованов, кој возел брзо, бил под дејство на алкохол и не почитувал сообраќајни знаци односно поминал на црвено светло на семафор.
По ова, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска порача дека ако некој со ладна глава, без предрасуди и нарцисоидност, навистина има волја да се информира, треба да погледне каква е праксата во ЕУ кога станува збор за вакви сообраќајки во кои има смртни последици.
„Ако некој со ладна глава, без предрасуди и нарцисоидност, навистина има волја да се информира – наместо да вреска по судовите и кога треба и кога не треба – нека погледне каква е праксата во Европската Унија кога станува збор за сообраќајни несреќи со смртни последици.
Просечни казни во ЕУ:
Без отежнителни околности (чиста небрежност): Најчесто се изрекуваат казни од 1 до 3 години затвор, со можност за условна казна – особено ако станува збор за прв прекршок.
Со отежнителни околности (на пр. возење во алкохолизирана состојба, преголема брзина, претходни прекршоци): Казните се движат од 4 до 10 години затвор, и речиси секогаш е задолжително издржување на казната.
Во случаи на фатално бегство од местото на несреќа или возење под дејство со смртни последици: Во строги земји-членки како Италија, Франција и Германија, веќе станува стандард казна од 7 до 12 години“, вели Јошевска-Анастасовска.