Адвокатот на „тајниот“ сопственик на „Рубикон“: Нацев бил консултант на агенцијата за обезбедување, а не сопственик
На денешното судење за кочанската трагедија што се случи во дискотеката „Пулс“, воведни зборови даде адвокатот на обвинетиот Александар Нацев, кој според обвинителството е вистинскиот сопственик на агенцијата за обзбедување „Рубикон“. Адвокатот тврди дека неговиот клиент е жртва на конструирано обвинение и дека тој во ниту еден момент не делувал како реален сопственик на агенцијата за обезбедување Рубикон Секјурити Солушнс.

Според одбраната, клучната теза на Обвинителството, дека Нацев бил неформален сопственик кој раководел со агенцијата заедно со управителот Јан Јанчевски, е неоснована. Адвокатот истакна дека Нацев бил вработен во фирмата како консултант, ангажиран поради неговата експертиза во областа на безбедноста, а не како лице со овластувања за раководење.
Еден од главните аргументи на одбраната е дека помеѓу Рубикон и кабарето Пулс не постоел писмен договор за физичко обезбедување, што е законски предуслов за одредување на одговорноста. Според адвокатот, агенцијата делувала само како оператор на услуги, а не како субјект со целосна одговорност за безбедносните протоколи во објектот.
Одбраната посочи дека вработените во Рубикон критичната вечер не биле задолжени да го контролираат бројот на гости, немале обврска да ја проверуваат исправноста на влезовите и излезите, ниту пак биле должни да поднесат план за обезбедување до МВР, бидејќи на терен биле ангажирани само тројца обезбедувачи, а законот предвидува план за над пет лица.
Наместо вина, одбраната најави дека преку сведоци ќе докаже дека вработените во Рубикон ноќта на пожарот дејствувале како пожарникари и медицински лица, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат што повеќе гости.
-Александар Нацев со ниту едно свое дејствие или пропуштање не го предизвикал пожарот. Тој не може да се товари за непреземање дејствија кои законски или договорно не бил обврзан да ги преземе, заклучи одбраната. (fokus.mk)






