АЕТМ го ажурираше регистарот на е-трговци: Граѓаните полесно ќе проверуваат од кого купуваат

Повеќе од 1.370 активни онлајн продавници се дел од најновото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци, што го објави Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) со цел да им помогне на граѓаните побезбедно да купуваат преку интернет.

Според податоците на Народната банка, во текот на 2025 година во земјава биле регистрирани 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни и реализирале најмалку една трансакција во текот на годината.

Регистарот на е-трговци претставува единствена база на податоци за домашните онлајн продавачи кои нудат плаќање со платежни картички. Тој се ажурира во соработка со пет банки – Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИБанка.

Во најновото издание се евидентирани 1.374 активни е-продавници, распоредени во 25 различни категории. Најголем дел од понудата ја сочинуваат продавници за козметика, производи за убавина и нега, облека и обувки, храна и пијалаци, бела техника и електроника, како и услуги од областа на туризмот, образованието и дигиталните производи.

Од АЕТМ посочуваат дека структурата на понудата покажува оти домашната е-трговија бележи сè поголема разновидност и повеќе не е ограничена само на традиционалните категории.

Во 2025 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 950 милиони евра, што претставува раст од 32 проценти во однос на претходната година. Од нив, 522 милиони евра биле реализирани кај македонските е-трговци.

Претседателката на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков, оцени дека овие податоци укажуваат на понатамошен развој на дигиталната економија и на зголемена доверба на потрошувачите во онлајн купувањето.

Регистарот има и значајна улога во заштитата на потрошувачите бидејќи овозможува проверка дали продавачот е регистриран правен субјект и дали користи официјално интегриран систем за онлајн плаќање. Ова е особено важно поради појавата на нерегистрирани продавачи кои најчесто функционираат преку социјалните мрежи.

Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува според веб-адреса, правен субјект или категорија на е-продавница. За неговото ажурирање, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка и категоризација на е-продавниците.

Back to top button
Close