Џафери – Бегај: Северна Македонија и Албанија се посветени на евроатлантските интеграции
Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери, денеска во Приштина имал средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во рамки на учеството на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност.
Како што информира владината прес-служба, на средбата било изразено задоволство од континуираниот политички дијалог меѓу Северна Македонија и Албанија и од развојот на билатералните односи меѓу двете земји.
-Соговорниците ја нагласија двостраната посветеност кон добрососедските односи. Премиерот Џафери и претседателот Бегај на средбата посочија дека Северна Македонија и Албанија, како сојузници во НАТО, се подготвени за продлабочување на меѓусебната соработка, со цел поактивен придонес за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и на евроатлантската заедница, се наведува во соопштението.
Џафери и Бегај на средбата размениле мислења и за европските интеграции, како и за продолжување на реформските процеси во двете држави.