Џафери до Сиљановска: Не сме на факултет, кога ќе имаме потреба од предавање ќе ве консултираме

Се вжешти атмосферата на денешната собраниска седница за избор на претседателите, замениците и членовите на собраниските комисии. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на досегашната пракса, побра нова предог-одлука за изборот на собраниските работни тела, пренесува Слободен печат.

Според пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Дафкова, не може да важи претходната одлука бидејќи ова е нов пратенички состав со свои специфики. И таа побара соодветна одлука за формирање на работни тела.

– Не климајте со глава, од право немате познавање ни збор, рече Сиљановска откако 67 пратеници гласаа за дневниот ред.

– Крајно невообичаено е Комисијата за избори и именувања да го супституира парламентот, 67 пратеници подготвени за вежбање само да креваат рака. Ве молам компаративно да погледнете. Крајно е невообичаено е да ги немаме биографиите кога се избираат претседатели на работните тела и нивните заменции за да се видат дали членовите на работните тела во таа област се квалификувани, рече Сиљановска.

Според спикерот Талат Џафери, претничката Сиљановска нема право да ја оспорува стручноста на друг пратеник.

– Мислам дека некоректно е да се обраќате некому дека поим нема од право како што нема потреба да има поим од електро факултет. Должен сум да ви укажам дека немате право да се мешате во изјаснување на пратенците. Тоа не е ваше право да зборувате дека се изјаснуваат механички. Немојте така, овде не сме на Правен факултет. Ако имаме потреба од предавање , ќе ве советуваме како професор таму каде што има потреба. Тука сме колеги избрани од исти граѓани и само тие имаат право да го оспорат нашиот мандат. Ве молам водете сметка понатаму – ѝ посочи Џафери на Сиљановска.

Back to top button
Close