Џафери: Ќе бидам претседател на сите 120 пратеници

Талат Џафери по изборот за претседател на Собранието со кој доби уште еден четиригодишен мандат за спикер на законодавниот дом, им се заблагодари на довербата од 62 пратеници кои застнаа зад неговиот избор, но и на пратениците од опозицијата кои, рече, дадоа свој придонес за збогатување на демократската дебата, а кои гласаа против односно воздржано.

-Јас останувам конзистентен на моите ставови дека и во наредниот период ќе бидам претседател на сите 120 пратеници, без оглед дали гласале за или против или воопшто не гласале. Секако, ова ќе биде период на предизвици за парламентарното мнозинство, а и за опозицијата. Сите ние низ дебати ќе треба да го збогатиме демокартскиот парламентарен живот на земјата и да придонесеме едукативно за идните генерации кои ќе дојдат овде во Собранието. Очекувам конструктивни дискусии во законодавниот дом, изјави Џафери по завршувањето на конститутивната седница.

Запрашан во однос на неговата комуникација со медиумите во време на корона вирусот, Џафери рече дека соработка и комуникација ќе има онолку колку што ќе дозволат превентивните мерки  за спречување на ширење на Ковид вирусот, но оти таа нема да недостасува.

-Ќе продолжиме со комуникацијата, ако не целосно  тогаш со изменети методи на комуникација  преку средствата за врски, значи телефоните и другите можности што ги дава техниката,  а можеби преку кабинетот и претставниците од кабинетот. Така што нема да недостасува нашата комуникација онака како што беше воспоставена, порача староновиот претседател на Парламентот.

Џафери воедно се заблагодари на службите во Собранието за подготовка на конститутивната седница и за почитувањето на мерките за заштита од вирусот Ковид-19, но и на здравствените работници во земјава кои секојдневно се справуваат со оваа пандемија.

Back to top button
Close