Џафери е против предизборното рекламирање на партиите да се плаќа со државни пари

Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека е против предизборното рекламирање на политичките партии да се прави со средства од државниот Буџет. Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти партиите треба да се откажат од рекламирањето со државни пари со оглед на тоа што ваквите измени сè уште не се усвоени во Изборниот законик.

 

„Во 2019 г. имаше измени на Законот за АВМУ, фамозниот член 102. Кога се изјаснив тогаш дека сум против тоа, медиумите, особено петте национални телевизии, ме обвинуваа дека работам против нив. Операторите исто така обвинуваа дека работам против нив. Мојот став е дека не треба да има буџетски пари за реклами во смисла на предизборитето. Но, ќе одите во вашите (медиумски) куќи и ќе прашате зошто инсистираат токму на тој закон. Јас пак ќе бидам обвинет, но мојот став е дека не треба буџетски пари да има за таа работа“,

изјави Џафери одговарајќи на новинарски прашања.

Спротивно на ставот на Џафери, вицепремиерот и министер од редовите на ДУИ, Артан Груби, не мисли дека политичките партии треба да се откажат од предизборното рекламирање финансирано од државниот буџет. Образложувајќи го ваквиот став во синоќешното издание на „360 степени“, Груби изјави дека процесот е „јавен и транспарентен“. За неизгласаните измени во Изборниот законик, пак, Груби прстот го впери во ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close