Џафери: Нема да ја избегнам процедурата ако се соберат потписи за референдум за уставни измени


Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека не може да има целосна блокада на Собранието и покрај правото на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за Радио Слободна Европа, Џафери вели дека опозицијата може да не ги разгледува точките што се на комисиите што тие ги водат, но работата нема да сопре за другите комисии и за пленарните седници.

„Другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи“
порача Џафери.

Во однос на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата како услов за продолжување на преговорите со ЕУ, Џафери посочува дека тоа е обврска на државата, а не на владејачкото мнозинство. Оттука тој не прецизира какви се неговите очекувања дали би се достигнало потребното двотретинско мнозинство со евентуални гласови од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но повика сите партии да се грижат за интересот на државата.

„Потребата за уставни измени не е заради потребата на мнозинството или не знам на кого, туку потреба на државата за да може да си го преземе и да го изоди патот, кој впрочем е определен пред три децении да се изоди со сите предизвици што ги има државата на тој пат. И во тој контекст сметам дека сите треба да рефлектираат по однос на интерес на државата и на граѓаните, а на по интерес на политичките партии и во смисла на дневна политика, борба за гола власт да се менува власта, туку во секој случај која и власт да дојде ќе мора да го изоди тој пат. И во тој контекст сметам дека како избрани и одговорни луѓе би требало да резонираат сите во контекст на потребата и интересот на државата и на граѓаните за да може да се отвори тој пат“ вели Џафери.

На предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи референдум за прашањето за уставни измени и можноста иницијативата да влезе во собраниска процедура, Џафери вели дека тој ќе го почитува Деловникот.

„Тоа е хипотетичко поставено прашање. Во секој случај има Деловник, има деловничка процедура, така што и јас како Претседател на Собранието и пратениците и кој било не може да ја одбегне процедурата затоа што е предусловена, освен ако не се однесувам, онака како што се однесуваат претседателите на комисиите по односни точки, на пример кои не ги свикуваат седниците. Но во секој случај јас ќе ги исполнувам сите обврски кои произлегуваат од Деловникот за работа на Собранието и од надлежноста и обврските на Претседателот на Собранието да ја испочитува процедурата, јас немам причина да не ја почитувам процедурата“ додава собранискиот спикер.

Back to top button
Close