Џафери: Нема враќање назад од евроинтеграцијата на Северна Македонија

 Свечен прием по повод 8 Септември – Денот на независноста се одржа попладнево во Собранието на Република Северна Македонија. На свеченоста присуствуваат претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, поранешните претседатели на Собранието Трајко Велјановски и Тито Петковски, народниот правобранител насер Зивери и други личности од јавниот живот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање пред присутните рече дека верува оти во сите нас има сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија. Имаме една заедничка држава во аманет и сите сме одговорни за неа, додаде Џафери, посочувајќи дека само така ќе живее и понатаму сонот на нашите предци. Џафери потенцираше дека процесот на евроинтеграција нема алтернатива или замена и ни останува уште последниот чекор – затоа што враќање назад нема.

Џафери рече дека во законодавниот дом пред триесет и една година, нашите колеги пратеници ја ставија на хартија и во живот волјата на граѓаните за самостојна, суверена држава со меѓународно признат правен субјективитет и рамноправен член на заедницата на народите.

-И тогаш, како што е и сега, Уставот – најважниот законодавен акт, беше нашата водилка која го детерминира патот по кој ќе се движиме за да го обезбедиме напредокот, развојот и безбедноста на државата. Во него се утврдени и стратешките цели од суштинска важност околу кои секогаш сме се обединувале, и искрено верувам дека така ќе биде и овој пат. Затоа што, процесот на евроинтеграција нема алтернатива, нема супституција и ни преостанува уште последниот чекор, затоа што враќање назад – нема, рече претседателот на Собранието.

Тоа што денеска сме собрани тука на одбележувањето на овој историски ден за земјата, според него, говори само по себе дека сме на вистинскиот пат.

-Имено, после бројните критични периоди низ кои што помина нашата земја, денес сме полноправна членка на НАТО сојузот. Тоа не значи само дека ја исполнивме едната од одамна зацртаните стратешки цели туку е и јасна потврда дека ветувањето дадено кон граѓаните е исполнето. Што е најважно, тоа значи безбедна иднина и територијален интегритет за Република Северна Македонија. Мирен сон за Вас, драги граѓани, а тоа мора да признаеме, во ова време на војна во Украина е исклучително важно, рече спикерот Џафери.

Како што кажа, не очекува тежок период во секој аспект – економски, енергетски, здравствен, дури и безбедносен, затоа што конфликтите многу лесно можат да се прелеат и прошират и затоа, политичката нестабилност и тензичност ни е најмалку потребна во моментов во државата.

-Да демонстрираме зрелост, одговорност и висока совест и свест и да го ставиме интересот на граѓаните и државата над личните и партиските интереси. Да бидеме политички мудри, да застанеме цврсто зад веќе донесените одлуки со дополнителен меѓународен кредибилитет и да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата, рече претседателот на Собранието.

Никој, потренцира тој, не смее да се поигрува со безбедната и сигурна перспектива на Република Северна Македонија, да ја чуваме, да ја градиме, развиваме и придонесеме за нејзина уште поголема демократизација, институционална консолидација и уште поцврсто меѓународно етаблирање, секој во својата сфера не делување.

-Тоа ќе биде од полза и за нашите млади чии што очи се вперени само кон надвор. Да воспоставиме систем на вредности кој ќе биде доволна гаранција дека секој еден од нив ќе може да ги исполни своите очекувања, своите сништа и надежи за иднината. Општество во кое сите ние, сега и во иднина, ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата. Почитувањето на човековите права и слободи како природно и универзално право да биде без преседан и без разлика на етничката, верската, социјалната, партиската или која било друга припадност, рече претседателот на Собранието на приемот што се организира во Собрнаието по повод Денот на независноста – 8 сештември.

Back to top button
Close