Џафери од грчкиот колега побара што побрза ратификација на меморандумите меѓу Скопје и Атина
Во грчкиот парламент сѐ уште не се донесени ратификациите со кои се унапредува соработката со Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите, укажал претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, на средба со претседателот на парламентот на Грција, Константинос Тасулас, на маргините на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа во Атина.
Џафери, како што соопштија од неговиот кабинет, побарал што поскора ратификација на меморандумите, со цел да бидат ставени во функција. Тој изразил задоволство што оваа прва средба со неговиот грчки колега се случува во Атина, во годината кога Грција прославува 200 години од почетокот на борбата за независност. Во однос на билатералната парламентарна соработка, Џафери го оценил постоењето на групите за соработка во законодавните дома на двете земји како одлична основа за развој на блиска комуникација и изразил надеж дека наскоро членовите на двете групи ќе остварат заедничка средба.
Како што соопштија од кабинетот на Џафери, Тасулас изразил големо задоволство од оваа, како што ја нарече, долго очекувана прва средба на ниво на претседатели на парламенти и истакнал дека ова потврдува дека односите меѓу двете држави напредуваат. Се согласил дека групите за соработка треба да ја воспостават и да ја развиваат парламентарната соработка и, конкретно, наместо нивното постоење да остане само на хартија, нагласи дека грчкиот парламент ќе се потруди преку механизмите за соработка кои му се на располагање да му помогне на Собранието на Северна Македонија и во размена на искуства во процесот на евроинтеграција.
„Тасулас ја поздрави храброста на двете држави за решавање тешки прашања и истакна дека, по прифаќањето на Договорот од Преспа, тој мора да се почитува и внимателно да се чува. Притоа, му оддаде почит на претседателот Џафери за неговата лична посветеност и неговите напори за решавање крупни и тешки прашања. Поздравувајќи го чекорот на државата кон членството во НАТО, Тасулас изрази уверување дека следниот чекор за Северна Македонија ќе биде членството во Европската Унија и притоа ја повтори поддршката од Грција на процесот. Соговорниците разменија мислења за напорите кои како претседатели на парламенти ги прават со цел да се исполнат обврските и она што е договорено да биде спроведено во пракса. Ја потенцираа и меѓусебната доверба како резултат на што е и договорот и соработката меѓу двете страни за заштита на нашиот воздушен простор – соопштија од кабинетот на претседателот на македонскиот парламент.
На крајот на средбата, Џафери упатил отворена покана до Тасулас да ја посети Северна Македонија во време кога тоа ќе го дозволи неговата агенда и притоа да се обрати пред пратениците во Собранието на Северна Македонија.