Џафери: С Македонија се приклучи кон сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Русија


Заедно како учесници на овој прв парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа стоиме цврсто на страната на Украина, украинскиот народ и институции во бранењето на територијалниот интегритет и суверенитет, се солидаризираме со нив и ја демонстрираме нашата решеност да продолжиме со нашата поддршка за Украина со политичка, економска, хуманитарна, безбедносна помош се до слобода на Украина и украинскиот народ, вели Џафери
Република Северна Македонија ја усвои „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“. Покрај тоа, се приклучивме кон сите резолуции и иницијативи со кои се побара од Русија да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска и се приклучивме кон сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација. Тоа го направи и сиот демократски свет, затоа што тоа е во склад со сето она во што веруваме и сакаме да оставиме како аманет на следните генерации. Ова денеска го истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа.

Претседателот Џафери, како што се наведува, истакнува дека најпрво како човек, како институција, како држава и тука заедно како учесници на овој прв парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа стоиме цврсто на страната на Украина, украинскиот народ и институции во бранењето на територијалниот интегритет и суверенитет, се солидаризираме со нив и ја демонстрираме нашата решеност да продолжиме со нашата поддршка за Украина со политичка, економска, хуманитарна, безбедносна помош се до слобода на Украина и украинскиот народ.

Џафери, како што информира собраниската прес-служба, потсети на неговата посета на Украина во април оваа година.

„Растревожен од бројот на загубените животи, разрушената инфраструктура и влегувањето на Украина во една целосно поинаква димензија на егзистенција, се обврзав дека ќе се заложам за помош со сета моја моќ, не ни помислував дека ќе дојдеме до оваа фаза на ескалација“, рече Џафери.
Сепак, како што рече, окупацијата продолжи, се прошири со нови, многу подеструктивни облици на уништување на поредокот што го знаеме, почитуваме и штитиме.

„Не можам да прифатам дека светот, сите ние, не успеавме да го спречиме окупаторското, недемократско и нечовечно однесување на Руската федерација кон Украина во ова време на цивилизиран и напреден свет. Свет кој што видел многу, страдал многу и човек би помислил дека лекцијата е научена. Но, не е така. Затоа, ова промовирање на парламентарната димензија на Меѓународната Кримска платформа со што ќе се комплетира неговата архитектура, нека биде уште едно сведоштво за единството на меѓународната заедница во одбраната на нормите на меѓународното право, кое дефинира дека „Крим е Украина“, изјави Џафери.
Според Џафери, формулата останува непроменлива, а деокупацијата на Крим е од големо значење не само за Украина, туку и за цела Европа, за регионалната безбедност и стабилност, како и за глобалната безбедност на храната.

„Меѓународната Кримска платформа, која има за цел да ја зголеми ефективноста на меѓународниот одговор кон тековната окупација на Крим и на други делови на Украина, е заеднички напор да се застане на патот на растечките безбедносни закани кои имаат тенденција да заземат непосакувани размери. Покрај тоа, Платформата ја потврдува и солидарноста меѓу членките на Европската Унија и НАТО, таа е порака на демократскиот свет против насилно наметнатиот руски поредок и моќна порака дека меѓународното право, неповредливоста на меѓународно признатите граници и нашите заеднички вредности – човековите права и основните слободи мора и ќе бидат заштитени“,
нагласи Џафери.

Back to top button
Close