Џафери: Се прават напори Собранието да изнајде заедничко прифатливо решение со опозицијата за онлајн работење

 

Се прават напори Собранието да изнајде заедничко прифатливо решение со опозицијата за работа и гласање од далечина, со цел непречено функционирање на законодавниот дом, истакнал претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со британската амбасадорка во земјата Рејчел Галовеј.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Џафери изрази задоволство од повторната средба со амбасадорката во новиот парламентарен состав, во услови кога целиот свет се наоѓа во сензитивен период на светска пандемија со вирусот Ковид-19, заради што и Собранието работи согласно протоколите и препораките дадени од Комисијата за заразни болести. Тој накратко ја запознал амбасадорката со сите преземени мерки од страна на Собранието за заштита на пратениците и собраниските служби од вирусот Ковид 19, а во однос на спреченоста на пратениците поради изолација и самоизолација да учествуваат во парламентарната работа, согледувајќи ги искуствата од другите парламенти, Џафери, како што се посочува во соопштението, ја информирал дека се прават напори Собранието да изнајде заедничко прифатливо решение со опозицијата за работа и гласање од далечина, со цел непречено функционирање на законодавниот дом.

Република Македонија, како најнова полноправна членка во НАТО, истакнал првиот човек на законодавниот дом, е спремна во иднина да соработува заедно со британските колеги, на рамноправна основа преку ПС на НАТО, со што ќе придонесат за колективната стабилност и глобалната безбедност.

Џафери ја информирал Гаовеј и за тековните парламентарни активности што се планираат до завршувањето на оваа година, како и за законските предлози кои се на дневен ред на седниците на Собранието и можностите за нивно донесување.

Како што се наведува во соопштението, соговорниците изразиле задоволство од успешната имплементација на проектите на Вестминстерската фондација во Собранието, особено од функционирањето на Проектот за поддршка на буџетската канцеларија, која изготвува квалитетни анализи за буџетот, како за потребите на парламентарното мнозинство така и за опозицијата.

Во однос на билатералната соработка меѓу двете земји, Џафери и Галовеј взаемно изразиле надеж дека таа ќе продолжи да се надградува и во наредниот период, особено на ниво на Пратенички групи за соработка, кои неодамна се формираа во Собранието.

Back to top button
Close