Џафери утре на состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа

 Претседателот на Собранието, Талат Џафери утре ќе учествува на десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, посветен на проширувањето на Европската унија.

Состанокот, како што соопшти секторот за односи со јавност на Собранието, се одржува во Будимпешта, и традиционално се организира од страна на Собранието на Република Унгарија на секои две години.

На состанокот, покрај претседателите на парламентите од земјите од Југоисточна Европа, ќе учествуваат и претседателите на парламентите на земјите од Вишеградската група. Предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеи и претседателот на Собранието на Република Унгарија, Ласло Ковер, по што ќе следат обраќања на претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, вклучително и обраќањето на Џафери.

На состанокот е предвидено усвојување и потпишување заедничка изјава од учесниците, која ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската унија и до лидерите на европските институции

Back to top button
Close