Џафери: Вишеградската четворка е успешен модел за соработка кон кој се стремиме со земјите од регионот

Искуството на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка е исклучително важно во процесот на нашата интеграција во Европската Унија. Вишеградската четворка е успешен модел за соработка меѓу државите членки кои од аспиранти со заедничка соработка станаа дел од Унијата и модел на соработка кон кој се стремиме ние заедно со земјите од регионот.

Ова го порача претседателот на Собранието Талат Џафери на отворањето на изложбата на плакати по повод 30 години од формирањето на Вишеградската група во Кристалната сала во Собранието на која беа присутни и амбасадорите на  Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во нашата земја.

– Сите активности на Вишеградската група се насочени кон зајакнување на стабилноста на земјите од регионот на централен Балкан. Имаат заедничка цел – поттикнување на оптималната соработката со сите земји, особено со соседите, а крајниот интерес на Вишеградската четворка е демократскиот развој во сите делови на Европа, рече Џафери во поздравниот говор на отворањето на изложбата.

Тој нагласи дека Собранието ќе продолжи да има активна, видлива и конструктивна улога во Вишеградската група и со предлози и сугестии ќе придонесе во донесувањето на потребното законодавство и во градењето на општествен консензус за придобивките и предизвиците од пристапувањето во Европската Унија.

– Очекуваме понатамошна континуирана и плодна соработка на сите нивоа со Вишеградската група како наш долгогодишен поддржувач и партнер. Иднината на сите нас е во Европската Унија и во овој регион нема друга алтернатива. Ова е главната порака што ја испраќаме од тука и главен приоритет за нашата земја, потенцира Џафери.

Според него, отворањето на изложбата во актуелните вонредни услови јасно ја потврдува поддршката на Чешка, Унгарија, Полска  и Словачка за европската перспектива на нашата земја и на целиот регион.

– Оваа изложба се одржува во време кога како држава и национален Парламент се справуваме со многу прашања како во однос на актуелната пандемија, така и за нашиот интегративен пат за членство во Европската Унија. Пандемијата ги покажа сите свои лоши и добри страни, а ние како институции досега имавме  доволно време да ги согледаме слабостите и предностите и соодветно да ги планираме и направиме потребните прилагодувања за формално одвивање на нашите активности во иднина, посочи Џафери.

Back to top button
Close