Џафери во ЕП зборуваше за Жан Моне процесот и важноста на измените на Деловникот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се обрати на Конференцијата на Европскиот парламент на тема „Креирање на парламентарна демократска култура преку дијалог и градење консензус”. Џафери зборувал за дијалогот на парламентарните групи во рамки на Жан Моне процесот, посочувајќи дека „овие измени на Деловникот се важни затоа што ќе ни овозможат да се фокусираме на суштинските прашања без при тоа да бидеме забавени од сите процедурални пречки кои се вистински предизвик за работата на Собранието’.

Во својот говор Џафери истакнал дека креирањето на парламентарна култура е нешто на што се посветил уште од првиот ден на стапнувањето на функцијата претседател на Собранието.

На конференцијата во ЕП, Џафери зборувал за Жан Моне процесот, потенцирајќи дека тоа е долгорочен процес, кој може да трае и неколку години при што, се состои од неколку рунди на дијалог, секоја рунда е за едно одредено прашање или пак може да биде за неколку прашања и се одвива помеѓу пратениците од различните политички пратенички групи. При тоа, секој круг на дијалог има своја специфична цел, а сите рунди заедно имаат многу поширока, сеопфатна цел, а тоа е визијата за градење култура на доверба и дијалог во Парламентите.

-Ако сакаме да имаме култура на дијалог меѓу политичките партии застапени во Собранието, ние мора да работиме заедно. Но, да нема недоразбирање – тоа не значи дека бараме униформност. Ние сите сме членови на различни политички партии, со различни политички програми за кои сме добиле доверба од граѓаните и согласно тие програми даваме приоритет и на различни цели и имаме различни начини да ги достигнеме тие цели, било да се работи за во Собрание, во Европски парламент или во кој било демократски парламент низ светот, рекол Џафери.

Според него, најважниот елемент на дијалогот Жан Моне е тоа што тоа е некој вид на вежба помеѓу колеги, каде што пратеници од Европскиот парламент, кои се демократски избрани претставници, зборуваат на рамноправна основа со пратеници од Собранието, кои се исто демократски избрани претставници, за прашања со кои се соочуваат во текот на работата како парламентарци.

 

Зборувајќи за процесот на Дијалогот Жан Моне со Собранието, Џафери рекол дека дијалогот поминал долг пат откако беше воспоставен процесот со политичките партии во Собранието.

Процесот на Дијалогот Жан Моне со Собранието беше воспоставен во мај 2018 година во Охрид. Досега се одржани три состаноци во мај 2018 година, во јуни 2019 година и јануари/февруари 2020 година. Третиот дијалог „Жан Моне” беше првиот што беше олеснет од тогашната нова тројка европратеници, односно, Андреас Шидер, Марион Валсман и Илхан Кјучук. Трите рунди на Дијалогот Жан Моне со олеснувачите од Европскиот парламент придонесоа во враќањето и градењето на довербата меѓу политичките партии и ја зајакнаа демократската култура и практики во Собранието.

Меѓу конкретните резултати, како што нагласил Џафери, е усвојувањето на Етичкиот кодекс, формирањето на Работната група за Деловникот која работела напорно за да постигне компромис околу голем дел од реформските приоритети и со тоа се обезбедила добра подготовка за понатамошната работа на Деловникот, постигната е поширока институционална независност и реформа на Собранието, особено кога станува збор за независноста на буџетот и човечките ресурси, а продолжува работата во насока на независно обезбедување и постигнување на конечен консензус за измените на Деловникот.

-Секако дека работата не е завршена, како што велат- „ѓаволот е во деталите” затоа што, тоа што го договараме, ќе треба доследно и да го спроведеме откако претходно ќе го финализираме и ќе ги усвоиме измените на Деловникот на пленум. Овие измени на Деловникот се важни затоа што ќе ни овозможат да се фокусираме на суштинските прашања без при тоа да бидеме забавени од сите процедурални пречки кои се вистински предизвик за работата на Собранието. Тие се исто толку важни за власта колку и за опозицијата, бидејќи тие што се сега во позиција можат да бидат во опозиција во одреден период во иднина, и обратно се разбира. Јас постојано ги потсетувам колегите од Работната група дека изготвуваме Деловник за сите времиња не само за еден пратенички состав, истакнал Џафери.

Собранието на Република Северна Македонија, рекол претседателот на Собранието, го поддржува и дијалогот меѓу младите лидери, а тој од почетокот на неговиот прв мандат ја поддржува програмата на Европскиот парламент за млади политички лидери.

Back to top button
Close