Џафери: Заштитата на приватноста и на личните податоци се темелно право на граѓаните

Заштитата на приватноста и на личните податоци се темелно право на граѓаните. За тоа да биде остварено, неопходно е националните органи за заштита на личните податоци, треба бидат стручно подготвени и законски поткрепени во секој сегмент од своето делување. Исто така, граѓаните треба да бидат целосно информирани за тоа кои информации се од јавен, а кои од приватен карактер и за тоа кои лични податоци смее да им се побараат и кој сѐ смее да им ги побара, смета претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Заштитата на приватноста и на личните податоци како темелно право утврдено во Членот 18 од Уставот на Република Северна Македонија претпоставува гаранција на заштитата од повреда на личниот интегритет и заштита и на другите човекови права и фундаментални слободи при собирањето, обработката и употребата на личните податоци. Истите се задолжителен сегмент од секојдневното функционирање на сите институции на централно и на локално ниво, што значи дека треба да се биде особено внимателен при реализацијата на тие процеси. Токму во овој дел, националните органи за заштита на личните податоци, како специјализирани во областа играат исклучително значајна улога, рече Џафери на завршниот настан од ЕУ твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“.

Тој додаде дека за да бидат целосно подготвени и доследни на очекувањата од нив, Агенцијата и службата која што е нејзиниот движечки мотор, неопходно е да бидат стручно подготвени и законски поткрепени во секој сегмент од своето делување. Така, нагласи Џафери, ќе создадат за себе перцепција која ќе влева доверба и во граѓаните во однос на нивната работа, затоа што, приватноста е света, приватноста е темелно право и потребно е навистина да се води сметка во насока на почитување на истата, а сепак овозможување на нормално функционирање на елементите вклучени во тој процес.

-Важно е да се има предвид дека не се сите граѓани целосно информирани за тоа кои информации се од јавен а кои од приватен карактер. Важно е да се информирани за тоа кои лични податоци смее да им се побараат и кој сѐ смее да им ги побара. Согласно претходно кажаното, јасно е дека треба многу да се работи во насока на едукација на граѓаните за нивните права и обврски и генерално подигнувањето на јавната свест за ова прашање. Јас сум убеден дека на сите нас во одредени моменти, непромислено и без да ги знаеме последиците по нас и по нашата приватност, ни се случува своеволно и без притисок да дадеме значајни податоци, без да размислиме за последиците, само за да го истераме нашето барање докрај, потенцира претседателот на Собранието.

Според него, затоа е исклучително важно да се следи начинот на нивна обработка и натамошно процесирање, било да е на доброволна основа или на автоматизиран начин. Тој смета дека појдовна основа треба да биде доследното почитување на Законот за заштита на личните податоци од 2020 година, кој што е усогласен со европската регулатива во областа на заштитата на личните податоци на физички лица во поглед на обработката на нивните лични податоци, слободното движење на таквите податоци и за укинување на Општата регулатива за заштита на податоци.

-Уште поважно е градењето и зајакнувањето на капацитетите за работа со таквите податоци. Тука мислам на сите засегнати страни како контролори/обработувачи и субјекти на лични податоци. Верувам дека клучните проектни цели за подобрување на заштитата на личните податоци и заштита на приватноста преку изготвените релевантни водичи и процедури и спроведените работилници со вработените се исполнети и во иднина ќе можеме да очекуваме позитивни резултати во оваа чувствителна област. Тоа значи подобра примена на важечките прописи и закон од страна на стручни и подготвени човечки капацитети за спроведување на тие законски одредби, рече Џафери.

Во обраѓањето тој се осврна на и на политичката, финансиската и функционалната независност и самостојност на Агенцијата за заштита на личните податоци. Таа, нагласи, е установена со закон и за истата треба да се создадат услови за да може да функционира ефикасно и ефективно.

-Таа независност е нужна за да може Агенцијата да ги извршува своите надлежности, задачи, овластувања и одговорности, кои сега се проширени и за кои се разбира треба да е поткрепена и со доволен број на стручни и професионални извршители. При тоа, извршителите да водат сметка да не ги злоупотребуваат овластувањата и статусот што го има Агенцијата и самите тие како вработени и да не се раководат од лични, деловни и финансиски интереси туку во секоја своја постапка да го штитат угледот на Агенцијата и својот личен интегритет, секако, нагласи претседателот на Собранието Џафери поизразувајќи убедување дека доколку сите го дадеме својот личен придонес во својот сегмент на делување, и Агенцијата и граѓаните ќе бидат позадоволни и ќе имаат поголема доверба во државата и државните институции.

Back to top button
Close