АФП: Оставката на Заев носи нова неизвесност на балканската политичка сцена

Опозицијата во Северна Македонија побара распишување на предвремени парламентарни избори, откако премиерот Зоран Заев соопшти дека ќе поднесе оставка по лошите резултатите на неговата партија на локалните избори, наведува АФП во коментар за последните случувања во земјава, оценувајќи дека „изненадувачката најава на Заев внесе нова неизвесност на балканската политичка сцена, каде автократите се познати по зацврстување на позициите на власта и каде доброволните оставки се реткост“.

Во коментарот, чии делови пренесува БГНЕС, се посочува дека во услови кога премиерот Заев се уште не го објави датум на неговото заминување, кога не е познат неговиот наследник и е создадена зголемена конфузија, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ предлага брзи парламентарни избори, тврдејќи дека само преку нив ќе се обезбеди стабилно движење напред.

Во текстот се потсетува дека Заев беше избран за премиер во 2017 година, по „10-годишното владеење на десницата предводена од Никола Груевски, чија Влада беше потресена од огромниот скандал со прислушување, што го разоткри самиот Заев“.

– Изненадувачката најава за оставката и лошите резултати на неговата партија СДСМ на изборите минатиот викенд, дојдоа по неколкумесечен пад на популарноста на премиерот, додека тој се бореше да ја одржи во нормален тек економијата на земјата погодена од пандемијата на Ковид-19 и во услови кога преговорите за евентуално зачленување (на земјата) во ЕУ се во застој, оценува Франс прес.

Агенцијата посочува дека по најавата на Заев дека планира да поднесе оставка, неговите политички сојузници побараа тој да ја промени одлуката, оценувајќи ја како избрзана и потсетувајќи дека владејачката коалиција на СДСМ „со најголемата партија што го претставува етничкото албанско малцинство и натаму има кревко мнозинство во Парламентот“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close