Агатангел верува во Божја помош за Мицкоски за заштита на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја нарече најсвета партија

Агатангел ја нарече ВМРО-ДПМНЕ „најголемата и најсветата партија“ и рече дека верува во помош од Бога и Богородица за Мицкоски да го врати она што е свето и македонско

Мицкоски рече дека говорот на владиката бил достоинствен, а министерот Милески кажа оти Агатангел е срам за црквата и народот

 

За владиката Агатангел, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и тој верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално.

Ова владиката го кажа во својот говор на настанот за закројување на лозјата што денеска се организираше во Кавадарци по повод празникот Свети Трифун – Денот на лозарите.

Агатангел имаше само пофални зборови и за градоначалникот Митко Јанчев, а ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „најголемата и најсветата партијата“.

Извор: Фејсбук профил на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев

„Возљубени чеда на Господа, чеда на нашата света македонска црква и на оваа света наша македонска земја, денес во градот Кавадарци, во срцето на Тиквешијата, со вашиот градски татко и нашиот драг градоначалник Митко Јанчев, со претседателот на најголемата и најсвета партија наша партија, ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, со сите пратеници, членови на Општината и сите советници, сите добронамерни луѓе, да го благословиме овој ден на лозарите, на виното, на љубовта. Се собравме заеднички да ја искажеме и болката и тагата, но еве ние Македонците ја забораваме и болката и тагата кога треба да се радуваме. И навистина денеска се радуваме што нашиот градоначалник, најдобриот градоначалник на оваа наша света македонска земја, господинот Јанчев, нè собра да го прославиме овој голем ден“,рече владиката на почетокот од говорот.

Потоа, Агатангел зборуваше и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално. Првин со него (Мицкоски), рече владиката, а потоа и со божја помош. Нема да дозволиме, порача Агатангел, некој што не ја чувствува Македонија да ја одредува судбината на нашата земја.

„Сакам, можеби некој ќе ми замери, но еве некој вчера зборуваше да не зборуваме и да не гледаме на состојбите што ни се случуваат со емоции. Но, ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци јас длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со божја помош. Јас верувам дека Бог, спасителот наш Исус Христос, мајката Божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне него и на сите негови соработници на се она што е наше свето македонско, национално, ќе го вратиме назад и нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја“,

рече владиката.

На неговиот говор реагираше министерот за локална самоуправа Горан Милески, кој присуствуваше на настанот како претставник на Владата. Милевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ од ова направила партиска прослава, а за Агатангел кажа дека ја „извалкал мантијата“ и е срам за црквата и народот.

Извор: Фејсбук профил на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев

„Сакам да реагирам на политичките изјави кои денеска ги слушнавме од владиката Агатангел, мислам дека е срам за мантијата што ја носи и повеќе ѝ прави срам на црквата отколку што тој самиот си прави срам за себе бидејќи да беше свесен за што зборува, тој немаше тоа да го каже. Како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така господинот Агатангел, ако можам да го наречам господин, е штетник за црквата, народот и граѓаните. Мислам дека црквата треба да се свести кој во нејзините редови се владици и кој пуштаат на вакви настани, напаѓаат голем дел од македонското христијанско население и го величат лидерот на опозицијата. Тоа најмалку му носи поени на лидерот на опозицијата. Кога стигнал лик како Агатангел да го фали, нека му служи на чест“,рече министерот Милевски.

 

Мицкоски, пак, првично не сакаше да го коментира говорот на владиката.

„Можам да коментирам мои изјави и тоа што јас го говорам“,

одговори Мицкоски продолжувајќи да го коментира сопствениот говор од вчерашниот настан за отчет на сработеното од градоначалниците.

Потоа тој порача дека треба да се обединиме околу македонските национални интереси и нагласи дека во таа насока го коментира и говорот на Агатангел.

Извор: Фејсбук профил на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев

На дополнително прашање дали не смета дека говорот бил потпалувачки, Мицкоски одговори:

„Не сметам дека беше потпалувачки, мислам дека е достоинствен затоа што ги рефлектира националните интереси и повикува на обединување отколку националните интереси“.

Back to top button
Close