Агелер: Мешањето на приватни лица или јавни функционери во судството не смее да се толерира
Судиите во кој било суд и во која било земја мора да носат одлуки врз основа на законот и без мешање. Мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира од оние во судството, од владата или од народот на оваа земја.
Ова е дел од одговорот на американската амбасадорка Анџела Агелер за ТВ Сител, откако по нејзината средба со судиите во Врховниот суд минатата недела, дел од медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“.
„Надворешното влијание ја нарушува вербата на јавноста во македонските институции и функционери. Правдата мора да биде транспарентна – граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку“се вели во пишаниот одговор од амбасадорката на САД
Во одговорот за Сител, Агелер додава оти ѝ причинува задоволство што се сретнала со главниот и со останатите судии во Врховниот суд и што, како што вели, можела да ги слушне нивните забелешки и грижи.
Агелер на средба со судиите во Врховен: Судството не смее да биде под притисок на политиката
Средбата со судиите од највисокиот суд во земјава американската амбасадорка ја оствари на 25 октомври.
Главните теми на средбата, како што тогаш соопштија од Врховниот суд, биле независноста на судството и клучните актори кои придонесуваат за тоа. Во соопштението од Судот, меѓу другото, беше посочено оти судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите.