(Видео) Агелер на средба со Ковачевски во Владата: САД ќе продолжат со поддршката за С Македонија
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, денеска била на средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, а од владината прес-служба велат дека таа ја пренела одлучноста на САД да продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија и во наредниот период.
Ковачевски, пак, нагласуваат, се заблагодарил и на поддршката од американскиот државен секретар Етони Блинкен која тој ја истакнал на средбата на 9 мај во Вашингтон за време на престојот на премиерот во САД.
„Заемно беше нагласена заложбата за севкупен развој на пријателските, билатерални и економски односи меѓу Северна Македонија и САД, како сојузници во НАТО, но и како две земји кои споделуваат заеднички вредности. Амбасадорката Агелер ја пренесе цврстата одлучност на САД да продолжат и понатаму да ја поддржуваат Северна Македонија, високо ценејќи ги досегашните одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО“,велат од Владата по средбата на Ковачевски со амбасадорката.
Средбата, како што појаснуваат од Владата, е дел од редовниот дијалог што го имаат со амбасадорката во врска со заедничките теми.