Агенција за вработување: Најстрашниот период го надминавме. Очекувам стабилност

Мислам дека оној најстрашен и најлош период го надминавме и јас очекувам извесен период да имаме една стабилност и движење во една нагорна, односно позитивна линија во делот на пазарот на труд и во делот на вработувањата и намалување на невработеноста, оценува директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, во интервју за Радио Слободна Европа.

„Од приливот на невработени лица, околу 12 илјади, односно 11734 лица дојдоа на евиденција, а за истите е регистриран престанок на работен однос, односно одјава од задолжително социјално осигурување во периодот после 11 март 2020 година, или од почетокот на ковид-кризата – вели Јовановска.

Според основата на престанок на работен однос, најголем процент на невработени лица што дошле на евиденција, вели директорката на Агенцијата, имале престанок на работен однос поради истек на договорот за определено време, околу 48 проценти. Спогодбениот престанок на работниот однос е втор по ред со околу 24 проценти, а потоа следуваат отказите од страна на работник и од страна на работодавач.

Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување

„Би сакала да искоментирам дека доколку тој договор бил на неопределено работно време можеби работодавачите немало да ги отпуштат, имајќи ги предвид низата мерки и пакети коишто ги донесе владата, но со самиот истек на определено време можеби само чекаа одреден период за да подоцна им го продолжат работниот однос. Оние лица што останаа без работа добија паричен надомест, дел од нив врз основа на Законот за вработување и осигурување, а дел од нив го добија врз основа на уредбата којашто ја донесе владата во време на пандемијата –објаснува директорката на Агенцијата за вработување.

Според претежната дејност, најголем дел од приливот на невработените лица се од производствената дејност.

„Во суштина, во делот на производствена дејност се и најголемите движења на пазарот на труд. Ако ги видиме и слободните работни места, токму во производствената дејност се најмногу огласени работни места, а ако ги видиме анализите во делот на активните мерки и политики според претежна дејност, во делот на производството имаме и најмногу апликации од страна на работодавачите за вработување со поддршка во делот на субвенционирање на плати, набавка на опрема, практикантството и слично – одговара Јовановска.

Целото интервју на Билјана Јовановска за Радио Слободна Европа може да го видите овде.

Back to top button
Close