Агенцијата за слободен пристап до информации не функционира

Еден од најважните органи за транспарентноста на институциите и на демократијата – Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, веќе три месеци не работи. Причина за тоа е што по завршувањето на мандатот на директорката во декември 2025 година, не е избран нов директор. Иако претходната директорка Пламенка Бојчева пред заминувањето на 25 декември дала овластувања на службите во Агенцијата таа непречено да функционира, овластувањата, како што рече Бојчева во разговорот за ДВ, биле поништени како неважечки. Со тоа запреле и сите функции на Агенцијата, а 15-те вработени од 3 декември немаат земено ни плата.

Исклучен е и интернетот, а не работи ниту веб-страницата на оваа институција, која има функција да ги држи на око министерствата, кабинетите на политичките функционери и другите органи во државата, да ја надгледува нивната транспарентност и да посредува кога државните служби одбиваат да ја исполнат својата обврска да даваат информации од јавен карактер.

Поранешната директорка Пламенка Бојчева, која се врати на старото работно место во друга институција, вели дека е разочарана од односот кон Агенцијата. „На денот на завршувањето на локалните избори ги известив надлежните дека на заменик директорот му престана функцијата, бидејќи стана советник во општина Куманово, и дека и мене како директор ми истекува мандатот на 25 декември. Имаше еден оглас за директор кој не успеа и Агенцијата остана така. Многу се трудевме јас и вработените додека бев таму и ја издигнавме оваа институција на потребното ниво. Сега со огромно жалење гледам дека е нефункционална“, изјавила таа за ДВ.

 

Се чека нов директор

На нашето прашање до Собранието на Република Северна Македонија под чија што капа е оваа Агенција, што се планира за да се реши состојбата, добивме одговор дека е донесена одлука за распишување нов конкурс за директор.

„Предлог одлуката за објавување јавен оглас за именување на директор и заменик на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е помината на седница на Собранието на 25.02.2026 година, а огласот ќе биде објавен в понеделник 02.03.2026 година“, изјавија за ДВ од кабинетот на претседателот Африм Гаши.

Со оглед на процедурата за избор на нов директор извесно е дека и во месец март, а можеби и подолго, светлата во Агенцијата ќе бидат изгаснати. Од опозицијата обвинија дека власта манипулира за да добие партиски подобен директор на оваа важна институција.

 

Опозицијата обвинува за партизација

„Значи, ако не одговара кандидатот за директор или за заменик директор, подобро е цела институција нека не функционира, нека се уништи, нека нема интернет, ама да си дојде некој од структурите на власта таму за директор“, реагираше во парламентот шефот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, дискутирајќи за состојбите во Агенцијата.

Последица од нефункционирањето на Агенцијата, рече Спасовски, е и запирање на проект на ЕУ. „Има и еден проект кој што се спроведуваше и беше финансиран од страна на Европската Унија преку германска фондација. Минатата недела се известени дека се стопира тој проект, поради немањето на услови за работа. Запознаена е и делегацијата на Европската Комисија во Македонија”, нагласи Спасовски.

Новинарот на БИРН, Гоце Трпковски, вели дека во изминативе два месеца редакцијата имала повеќе случаи во кои институциите ѝ ги одбивале барањата за пристап до информации од јавен карактер, или дале несоодветни одговори. Но сега, подвлекува тој, немаат ни каде да се жалат, бидејќи адресата до која се упатува жалба е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Порано тоа се решаваше едноставно, иако не секогаш успешно, со жалба до Агенцијата за заштита на ова право, меѓутоа сега ни е одземена оваа алатка и не знаеме кога ќе биде вратена. Еден од примерите беше подготовката на нашето истражување за чувањето на опасната филтерска прашина од челичарницата ‘Макстил’, кога од Министерството за животна средина побаравме копија од една дозвола за извоз на тој материјал, но ни беше одбиено поради, како што беше образложено, заштита на деловни податоци“, изјави Трпковски за ДВ.

 

Медиумите немаат каде да се жалат

Трпковски објаснува дека кога во минатото редакцијата имала такви ситуации, поднесувала жалби, а одговорот од Агенцијата често бил на страна на јавноста, односно дека институцијата може да ги „анонимизира” чувствителните податоци за да ја спречи нивната злоупотреба, и треба да ги достави бараните информации.

„Во последно време се соочуваме со зачестена употреба на аргументите како штитење на личните или на деловните податоци за да ни се одбие пристапот, а згора на тоа имаме нефункционална Агенција. Со тоа на институциите им е полесно да кријат информации што по закон треба да бидат достапни за јавноста“, посочи тој.

За илустрација, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како што вели за ДВ екс директорката Бојчева, во 2024 година постапувала по 350-360 жалби додека во 2025 година по 580 жалби на поединци или организации на кои има било попречено правото на слободен пристап до такви информации. Во тој вид информации спаѓаат и податоците за јавни набавки, за плати на функционерите, за јавните трошења, за ангажирани советници, финансирањето на политичките партии, за прашања од екологијата односно мерењето на загадувањето, и за сѐ друго што може да се најде под лупа на јавноста.

Агенцијата својата контролна функција ја извршува и преку мониторинг на веб-страниците на 1.450 институции, за да ја согледа нивната транспарентност и да дава препораки за нивно максимално отворање кон јавноста. Согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, институциите подлежат на законска обврска да објават на нивните веб-страници 22 категории информации. Но засега и оваа функција е на пауза затоа што на Агенцијата ѝ е исклучен и интернетот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close