Агонија

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, ќе пишувам за агонијата која што нѐ снајде сите, помалку или повеќе, во едно декадентно општество со изместени вредности. Соочувањето со чувство на безизлез, длабоко вкоренето во мене, е нешто на кое што се навикнуваме исто како на загадениот воздух – го дишеш и ништо не можеш. Корупцијата, како најголемо општествено зло во нашето секојдневие, е нашата заедничка агонија. Сите ја чувствуваме, освен бесчуствителните кои што ја креираат и поддржуваат.

По стоти пат, во моите колумни, ги наведувам фактите направени од државни институции кои што укажуваат дека Еуростандард банка е однесена во стечај по нечија желба, а не поради фактот дека банката е неликвидна и без право на живот.

Народна банка е егзекуторот, конкретно водена од гувернерката Бежоска, а поддржувачи се Техничката влада на Оливер Спасовски, Собранието на Република Македонија во времето на Талат Џафери, Обвинителството предводено од првите луѓе во него како Јовески и актуелниот Коцевски. Секако тука е и судството за кое што денес во јавноста се крева голема прашина поради неговата нефункционалност.

Новата влада предводена од Премиерот Мицковски, најави остра борба против нефункционалноста на судството и Јавното обвинителство.

Прашања кои се поставуваат пред мене се следниве:

Дали актуелната власт со реформите во обвинителството и судството гради систем кој ќе биде во интерес на граѓаните, или пак разградува систем на бившата влада и гради систем за себе, согласно познатата народна поговорка за Курто и Мурто.

Сѐ уште имаме недопирливи политичари кои за својот криминал веќе имаат добро разработена шема, а таа е ,,патување” во една насока. Бегањето од Македонија со или без знаење на институциите на прогонот, им е услов да живеат мирно и спокојно во нашето соседство сѐ додека не застарат предметите согласно законите во Република Македонија и да се вратат како лојални граѓани на Република Македонија, каде што криминалот ќе им биде простен.

Прв ваков случај е поврзан со името на некогашниот прв цариник во Македонија, Даравелски. Живееше цели 20 години во соседна Србија и по застарувањето на предметите за неговото гонење, се врати во земјата како легален и чесен сограѓанин.

Следејќи го примерот на Даравелски можам да заклучам дека и некогашниот Премиер Никола Груевски, кој денес живее во Унгарија како избеглица, по застарување на предметите ќе се врати во Македонија и ќе живее како наш чесен сограѓанин.

Претпоставувам дека ќе биде ист примерот со политичарските ,,побегуљи” и високите функционери од минатата Влада како Артан Груби, поранешниот директор на Лотарија на РМ Прпарим Бајрами, поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски и многумина како нив кои што претходно работеле во Владата на РМ или во нејзините институции. За разлика од овие побегнати личности, кои се предмет на прогон, во нашата Македонија се појави еден нов начин на купување слобода, форма со која криминалците си ја купуваат слободата од украдените пари. Значи се краде толку за да купи најскапото! Со украдени финансиски средства од државата и нас граѓаните си ја купуваат слободата и продолжуваат да живеат како чесни граѓани.

Во случајов се работи за бившиот директор на УБК , Сашо Мијалков кој со купена слобода денес живее слободно во нашата држава, дури успеа да си ги откупи запленетите станови и други недвижности кои што му беа конфискувани токму поради криминалот направен од негова страна. Додатно стана и донатор, помагајќи изградба на цркви и манастири низ Македонија.

Која е болката која што ние граѓаните ја плаќаме поради ваквата агонија во нашата татковина?

Изминативе 35 години не отворивме вистински фронт за борба против организираниот криминал и корупција. Не постојат недостапни лица, криминалци за сериозна држава која е одлучна да ги изнесе пред лицето на правдата. Примери за вакви прогони во светот има многу. Ќе го споменам само примерот на Израел кој во раните 60-ти години уште како млада ново-формирана држава ги носеше на јавни судења нацистите кои беа пребегани од нацистичка Германија и скриени насекаде низ светот, далеку од очите на јавноста.

Примерот со нацистот Ајхман е вистински доказ за држава која што има сериозни намери да се справи со голготата на нацизмот и огромниот број на жртви од преку 6 милиони убиени Евреи.

На многу висок професионален начин детектиран како жител на Аргентина со променето име и статус во државата, тој беше киднапиран од тајните служби на Израел и осуден во Тел Авив.

Геноцидот врз одредени народи во светот и криминалот имаат заеднички именител, а тоа е општествено зло.

Јас и многумина како мене, жртви на овој систем, сакаме да веруваме дека нештата ќе се изменат и дека правдата на крајот ќе победи.

Неразбирливо е луѓе како Далаверски и Мијалков да имаат еднаков, дури и попривилегиран статус од мојот. Тие денес се ослободени од секаков прогон, а за мене Овинителството веќе петта година има отворен предмет за прогон, при што сиот имот ми е замрзнат и не смеам да го отуѓувам ниту стопанисувам. Апсурд и агонија за мене! Голема болка во мене и за сличните како мене.

Единствен излез од агонијата, која владее во Република Македонија е институциите да работат во името на граѓаните и државата. Во име на правдата која што има долга рака.

Сакам да верувам дека овој пат, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕМ, вистински ќе се борат судството и обвинителството да добијат право за независност од партиските притисоци, право за владеење на правото и правдата.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close