Ахмети: Албанците се соочуваат со опасна офанзива насочена кон демонтажа на клучните столбови на Рамковниот договор

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес беше пречекан во Приштина од страна на претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Средбата се одржа во топла атмосфера и се фокусираше на политичката ситуација во двете земји, регионалните предизвици, меѓусебната соработка и загрижувачките случувања во Северна Македонија, известија од ДУИ.

Ахмети ѝ се заблагодарил на Османи за топлиот прием и го пофалил нејзиниот лидерски ангажман во достоинственото претставување на Косово на меѓународната сцена.

Тој ги поздравил успешно завршените избори и изразил очекување за брзо формирање на институциите, како и за потребата од поблиска координација и заеднички ставови во одбрана на заедничките интереси и зачувување на стабилноста, мирот и евроатлантската интеграција во регионот.

Во овој контекст, Ахмети ја изразил својата длабока загриженост за влошувањето на политичката и институционалната состојба во Македонија, каде Албанците се под систематски напад од еден хибриден политичко-олигархиски блок со етнички супремацистички карактер и со политички инженеринг на албанското претставување.

„Денес, Албанците се соочуваат со опасна офанзива насочена кон демонтажа на клучните столбови на Охридскиот рамковен договор. Уставниот суд се трансформира во партиски инструмент со кој се укинуваат темелите на еднаквоста, како што се употребата на албанскиот јазик и механизмите на Бадентеровото мнозинство и балансерот. Ова претставува флагрантно прекршување на принципот на меѓуетничка еднаквост,“ истакнал Ахмети во Приштина

Тој додал дека европската агенда е маргинализирана, а земјата е оддалечена од патот на интеграцијата и соживотот.

 

Back to top button
Close