Ахмети е оптимист дека владата нема да падне: Мнозинството е кај прогресивните сили

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вечерва присуствувал на средбата меѓу коалициските партнери во Владата и исто како и премиерот Зоран Заев, настапил со оптимизам дека Владата нема да падне утре на гласањето на доверба во Собранието, односно дека, „мнозинството е кај прогресивните сили во парламентот“, објави „360 степени“.

Партнерите од владината коалиција вечерва се собраа во Владата на координација пред утрешното гласање, а според претседателот на Демократската Партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, на средбата присуствувале и претставници на Движењето Беса. Од партијата на Биљал Касами остро ја демантираа таа информација.

Седницата на која се гласа за доверба на Владата, според законите, мора да заврши истиот ден. Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата/партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет.

Доколку, пак, опозицијата не успее да ја урне Владата на СДСМ и на ДУИ, тогаш во наредните 90 дена нема да може да се поставува ново прашање за доверба на Владата, освен ако иницијатива за тоа поднесе најмалку 61 пратеник.

Back to top button
Close