Ахмети го свика Централното претседателство на ДУИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска го свика Централното претседателство на кое, како што информира партискиот портпарол Арбр Адеми, ќе се разгледуваат актуелната политичка ситуација и предлогот од страна на ограноците да се одржуваат отворени состаноци со граѓаните.

На новинарско прашање, дали на состанокот ќе се разговара за евентуални протести кои членови на ДУИ претходно ги најавуваа поради несогласување со владините политики, Адеми рече дека протестите се дел од агендата, но како точка сè уште не е разгледана од органите и телата на ДУИ.

„Ние како ДУИ, како самостојна политичка партија, самите ја утврдуваме агендата и чекорите што треба да ги преземе и како политичка партија, но и како партија која партиципира во една политичка коалиција наречена ‘Европски фронт’. Воопшто не се работи за радикализација. ДУИ е државотворна партија која се залага за обезбедување европска перспектива за сите граѓани, за подобро утре за сите граѓани. Преземањето политички чекори од наша страна не треба да се толкува во ваква насока. Ние сме функционални, работиме во полн капацитет“рече Адеми.

На прашањето дали ќе се разговара за пратеничкиот состав по најавата на ДПА и Мендух Тачи за напуштање на коалицијата, Адеми рече дека тоа не е на дневен ред.

Back to top button
Close