Ахмети испрати писмо до низа светски лидери – бара поддршка за зачувување на Охридскиот договор
Отвореното писмо од минатата недела, во кое ја истакна важноста на Охридскиот договор и изрази загриженост за последните случувања во земјава меѓу кои и укинувањето на „балансерот“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го испрати до низа меѓународни лидери и до сите амбасадори на земји членки на ЕУ во земјава.

Преку писмото испратено до меѓународниот фактор, како што велат од неговата матична партија, Ахмети бара континуиран ангажман и поддршка од меѓународните партнери за зачувување на достигнувањата од Охридскиот договор, зајакнување на стабилноста и унапредување на евроатлантската перспектива на земјава.
„Во воведот на писмото, Ахмети го нагласува континуираното залагање на ДУИ за целосна имплементација на Охридскиот договор, изградбата на демократска и мултиетничка држава, како и евроатлантската интеграција на земјата. Изразува загриженост за најновите политички случувања што ги засегаат овие достигнувања, вклучително и укинувањето на механизмот на ‘балансер’ за правична и соодветна застапеност на заедниците, предизвиците во функционирањето на институциите што го спроведуваат Законот за употреба на јазиците и иницијативите за негово поткопување и оспорување пред Уставниот суд на Северна Македонија“,велат од ДУИ.
Писмото е испратено до низа актуелни светски лидери како претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, премиерот на ОК, Кир Стармер, претседателот на Франција, Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и неговата заменичка Радмила Шекеринска.
Писмото на Али Ахмети е адресирано и до низа поранешни претставници и истакнати меѓународни личности.
Во отвореното писмо објавено минатата недела, лидерот на ДУИ ја истакнува важноста на Охридскиот договор и вели дека албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот.






