Ахмети: Изборот на Џафери на чело на Владата е историска одлука, додавката „технички“ е за да се ублажи ставот кај македонската јавност

Изборот на Талат Џафери за премиер во преодната влада, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го оцени за важен историски момент не само за Албанците во С Македонија туку и за Албанците во целина.

Тој ова го изјави во вчерашното интервју за Радио-телевизија Косово (РТК), неколку дена откако во македонскиот парламент беше избрана техничката влада на чело со првиот премиер Албанец, Талат Џафери, на точно сто дена пред одржувањето на парламентарните избори.

Во интервјуто за косовската телевизија, Ахмети изрази жалење што, како што рече, во овој историски чин за избор на Џафери на чело на Владата не учествувале опозициските партии на Албанците во земјава.

На забелешка дека моменталната функција на Талат Џафери се признава како технички премиер, лидерот на ДУИ рече дека во официјалните документи не постои формулацијата технички премиер.

„Во Собранието на Северна Македонија гласав за премиер на Северна Македонија. Во официјалните документи нема технички премиер, туку има премиер на државата со владин кабинет, со именувања, со платформа“,рече Ахмети во интервјуто за РТК.

Според него, додавката „технички“ се користи за се ублажи ставот на македонската јавност по однос на ова прашање со оглед на, како што вели, многубројните реакции во врска со унапредувањето на етничките Албанци на јавни функции во земјава. Говорејќи во оваа насока, Ахмети рече дека кога Џафери бил избран за министер за одбрана во 2013 година имало бурни реакции кај Македонците, а истото се случило и со неговиот избор за претседател на Собранието на 27 април 2017 година, кога, како што рече, се пролеа и крв.

Back to top button
Close