Ахмети: Кога Изет Меџити зборува лошо за ДУИ, како сопствената плунка да му паѓа на лице
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, беше прашан и „зошто дозволи едно негово политичко чедо, Изет Меџити, да си замине од ДУИ“. Ахмети одговара дека ако ДУИ е криминализирана партија, како што обвинува Меџити, тој требало поотворено да зборува со претседателот Ахмети против криминалот, неправдата или лошите работи кои се случувааат во ДУИ.
„Сега за Меџити да зборувам, испаѓа како да плукам нагоре. Што ќе се случи тогаш, плунката ќе ми падне на лице. Изет Меџити беше 20 години висок функционер на ДУИ. Се што ќе каже Меџити, личи на она што го кажав јас. И јас ако плукнам нагоре, плунката ќе ми падне на лице.
Ако Изет Меџити зборува лошо за својата куќа, тоа е слично со тоа да ти падне своја плунка на лице. Ако бил криминализиран ДУИ, тој беше 20 години во ДУИ, и требало поотворено да ми зборува на состаноци против криминалот или неправдата, или лошите рабооти кои се случувааат во ДУИ“, рече Ахмети.
Откако подолг периот Меџити и уште неколкумина негови сопартијци јавно изразуваа незадоволство од состојбите во партијата, тие ги напуштија партиските функции и најавија дека ќе дејствуваат како фракција која стана позната како „огнената група“. Подоцна, Меџити формираше нова партија – Демократско движење.