Ахмети ми праќа емисари и сака да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но во неа ќе биде „Влен“, вели Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање рече дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Влен“.

Тој беше на увид во градежни активности во скопската Општина Аеродром каде кажа дека треба да се почитува волјата на граѓаните, а граѓаните одлучилe.

„Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300 000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска-Давкова, идниот претседател, и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, тоа е близу 450 000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“,

 

смета Мицкоски.

Мицкоски рече дека ДУИ сака да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но го критикуваше лидерот Али Ахмети дека е опкружен со луѓе кои го злоупотребуваат.

 

„Јас жалам што Али Ахмети во јавноста сака да се претстави како идеолог и многу силен, а во позадина ни праќа емисари и би рекол безусловно сака да влезе во идна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со коалицијата ‘Твоја Македонија’. Жалам што Али Ахмети се опкружи со луѓе кои и него го злоупотребуваат за да прават, условно кажано, криминал и да ја ограбуваат Македонија и жалам што Али Ахмети опкружувајќи се со овие луѓе наместо да заврши како политички пензионер и да биде идеолог, тој ќе заврши како соучесник во криминалот на неговите блиски соработници кои набргу од денеска, македонската јавност, сите граѓани во Македонија, без разлика на етничката припадност, ќе бидат сведоци, а за што имаме голем број докази“,вели Мицкоски

Back to top button
Close