Ахмети не им се извини на Алфа и на Телма, тоа што го кажал се однесувало на реакциите на граѓаните

Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска изјави дека она што го кажа во Гостивар споменувајќи ги телевизиите Алфа и Телма, не се однесувало кон телевизиите туку, како што рече, кон различните реакции кои постојат помеѓу граѓаните што се поттикнати.

Ова Ахмети го кажа на прашањето дали ќе им се извини на Алфа и на Телма.

 

– Сметам дека ова прашање е веќе објаснето. Тоа не се однесуваше значи кон телевизиите, туку кон различните реакции коишто постојат помеѓу граѓаните и коишто се поттикнати. Сметам дека граѓаните треба да бидат правилно ориентирани, рече Ахмети.

 

Ахмети исто така не смета дека на таков начин го загрозува правото на слобода на говор на граѓаните, повторувајќи дека „треба да се оринетираме правилно поточно да научиме од минатото“.

 

–Значи не е во прашање тоа значи што му одговара на некој да се каже, туку најважно е дека треба да бидеме, да се ориентираме правилно поточно да научиме од минатото, рече лидерот на ДУИ.

На прашањето дека со тоа што го кажа го загрози интеритетот на медиумите и на вработените, тој рече дека сите имаме колективна одговорност.

-Тоа не се однесува на кажав и претходно на медиумите, туку имаме колективна одговорност како значи да се справиме со општествените одговорности, рече Ахмети.

Имаме одговорност, вели тој, како „ги ориентираме граѓаните“.

-Значи да ја кажеш вистината знам дека е болно. Но имаме одговорност како политички партии, како општествени организации, како медиуми, како ги ориентираме граѓаните, рече Ахмети.

ДУИ, без присуство на членовите на раководоството на т.н. огнена група во партијата денеска во Скопје ја одбележа 555 годишнина од смртта на Скендербег, за кого Ахмети кажа дека е стратег и посебна историска личност важна за цела Европа.

Back to top button
Close