Ахмети: Не се плашете, не сакаме да ја поделиме Македонија


Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на прославата по повод 23-годишнината од формирањето на партијата, изјави дека „Европскиот фронт“ е во активна комуникација со, како што рече, конструктивни политички сили во земјата, со цел заедничко делување и координација.

-Бараме тоа да се случи бидејќи единствен излез и спас за создавање политичка стабилност е парламентарните избори да се одржат заедно со локалните, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

На оваа иницијатива реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, со одговор кој уследи денеска.

Во своето обраќање, Ахмети упати и порака до ВМРО-ДПМНЕ, кои ги нарече политички опоненти, посочувајќи дека ги познава нивните стратегии и дека тие, според него, не се добри. Тој предупреди дека сите што досега се соочиле со ДУИ, завршиле како губитници.

Во однос на обвинувањата за корупција кои доаѓаат од дел од политичките актери и актуелната власт, Ахмети ги отфрли како „празни муабети“ и побара системски ветинг – темелни истраги за потеклото на имотот на сите политичари и функционери.

-Ајде, отворајте истраги за приватизацијата, како се случи приватизацијата во оваа држава од 1991 до 2001 година. Не велам да почнеме од Кристијан! Од мене нека почне! Кристијан, не плаши се ти! – изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Тој упати критика и кон коалицијата ВРЕДИ, споменувајќи го Арбен Таравари како пример за политичка зрелост, поради неговото повлекување од процеси кои, како што рече, доведуваат до деградација на албанското прашање и на Охридскиот рамковен договор.

На крајот, Ахмети се обрати и до македонските граѓани, апелирајќи да не подлегнуваат на, како што рече, манипулативни стравови дека Албанците имаат намера да ја поделат државата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close