Ахмети од Кичево: Дехари во двата мандати покажа дека е градоначалник на сите

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на вечерашниот митинг од Кичево, ги повика граѓаните да му ја дадат довербата на Фатмир Дехари за трет мандат, бидејќи како што рече, тој бил градоначалник за сите.

„Зад нас е времето на Охридскиот договор. Ние сега вртиме нова страница за зелено Кичево, за чист и развиен град, град на интелектуалци. Нашиот кандидат Фатмир Дехари низ овие осум години потврди дека бил градоначалник за сите во оваа општина и во тој правец нека потврди и проектот за изградба на капела кај православните гробишта во Кичево. Уште еднаш апелирам до гласачите, до нашите граѓани, другари и пријатели да гласаат за Фатмир Дехари, кој како и во претходните два мандати ќе ги исполни вашите и наши очекувања“,рече Ахмети од Кичево.

Кандидатот за градоначалник за трет мандат на овие локални избори, Фатмир Дехари, најави забрзан развој на Кичево, град на задоволни граѓани, чист и привлечен за сите негови жители и без понатамошно иселување.

„Кога во 2013 година дојде до трансфер на власта, постоеше одредена резерва кај многумина како понатаму ќе функционира оваа општина и градот Кичево. Но и сами можете да бидете сведоци каков препород доживеа градот во изминатите осум години“,рече Дехари.

Тој вели дека ќе работи и на тоа да се врати дел од дијаспората во Кичево и ја повика младината да остане тука.

„Со неговите ресурси и богатство Кичево ќе инспирира и враќање на граѓаните од дијаспората да инвестираат во татковината и да го направат Кичево атрактивно место во сите правци. Столбот на општеството, напредокот, сплотени рамо до рамо, кичевска младино ве повикувам да бидете составен дел од градот кон нашата заедничка трансформација. Ве замолувам да не носите брзи одлуки, емотивни и депресивни одлуки за заминување, но ве охрабрувам да ги обедините желбите и заедно да ги надминеме тешкотиите и да создадеме можности и вработување и во јавниот и во приватниот сектор“,рече Дехари во своето обраќање.

Back to top button
Close