Ахмети од митингот на „Скендербег“ ја смирува топката – протестот не е против Македонија

Со мноштво албански знамиња и по некое косовско, како и со иконографија карактеристична за ОВК, но мирно и без никаков инцидент помина денешниот протест на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, како поддршка за основачите на Ослободителната војска на Косово на кои во моментов им се суди во Судот во Хаг.

Неколку илјади присутни, во најголем дел од Скопје, но и со организиран превоз и од други градови во Македонија, како и од соседството, првенствено од Косово, уште претпладнето го полнеа просторот на плоштадот. Поради тоа беше и отежнат сообраќајот во тој дел од Скопје, а улицата кон трговскиот центар Мавровка беше блокирана.

Забележливо беше и засилено полициско присуство во околината. Како и репортажно возило на албанскиот јавен сервис кој вршеше и пренос од настано.

Петти во серијата митинзи, по Хаг, Стразбур, Приштина и Тирана, од протестот во Скопје се испрати порака за ослободување на водачите на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Кои, како што беше искажано од повеќето говорници на бината – неправедно се затворени со, како што рекоа, т.н.  фабрикувани докази од Белград и Москва. Повиците за слобода на споменатите како и скандирањата за ОВК се слушаа во текот на речиси целиот едночасовен митинг. Особено внимание на бината предизвикаа и неколку лица облечени во унифорите на неркогашната ОВК.

Иако, протестот формално беше организиран од инцијативен одбор, евидентно беше дека зад него стои опозициската ДУИ. Впрочем, најава за митингот денеска со фејсбук статус даде и нејзиниот лидер Али Ахмети кој беше последен говорник, а беше најавен како командант на некогашната ОВК.  Тој во својот настап ја спушти топката, по политичките препирки што ги имаше во претходните денови поврзани со протестот, а во кои беше вклучен и премиерот Христијан Мицкоски.

„Денешниот протест не е насочен против државата Македонија, бидејќи овие што се наоѓаат пред овој суд имаат придонесено за стабилноста и мирот, за иднината на оваа држава, бидејќи биле раководители на важни институции, претседатели, премиери, претседатели на Собранието и со десетици и стотици договори ставиле потпис за една попросперитетна Македонија, која не се плаши од ОВК и од овие луѓе со рани на телото.

Тие не се бореле против ниту еден народ“, рече Ахмети, посочувајќи дека ОВК не била против, ниту пак им ја одземала слободата на другите, туку се борела за слободата на својот народ.  Ахмети, потенцираше и дека процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, „сите оние што се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“.

Фокус веќе објави дека политичка поддршка на протестот дадоа и партиите на Албанците во Македонија – двете крила на Алијансата на Албанците, како и владиниот коалициски партнер ВРЕДИ.

Инаку, судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими почна во 2023 година и се очекува да заврши во текот на следната година. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото, пред и за време на косовската војна во периодот 1998-1999 година.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close