Ахмети: Разговорите за формирање влада продолжуваат, ДУИ е фактор на стабилност за државата

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска потврди дека продолжуваат разговорите за формирање Влада и дека ќе се сретне со лидерот на СДСМ Зоран Заев, притоа не посочувајќи директно дали неговата партија во преговорите ќе отстапи од одредени свои барања.

– Сите вие знаете, ги следите политиките на ДУИ, исто така силно ги мониторирате сите ситуации во земјата. Сите знаете дека ДУИ е фактор на стабилност за државата. И додека ние сме свесни за нашата мисија, за развоите, ДУИ никогаш нема да делува ниту со еуфорија, ниту со притисок, туку ќе изнајдеме правилен пат за да послужиме на државата, на земјата, на стабилноста, но и колку е можно полесно да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме затоа што не се лесни. Директно се соочуваме со јавното здравје на сите граѓани, со економија која што е многу на штета на ситуациите како резултат на невидливиот непријател како што е Ковид, рече Ахмети.

Тој не сака предвреме да зборува за епилогот од преговорите, но потенцира дека „ДУИ делува и работи со ладна глава и со огромно срце“.

– Се што ќе преземеме во иднина ќе биде придобивка од најмалиот до највозрасниот, од интелектуалецот, па до работникот и за ова ви гарантирам дека секоја наша одлука ќе биде во добит на државата, на земјата и на иднината на земјата во надминување на ситуациите, рече Ахмети.

Според него, Заев веќе имал средба со коалициските партнери Алијанса на Албанците и Алтернатива, но оти не знае што разговарале тие, но потенцира дека ДУИ не е сила која што може да биде отстранета со една таква средба, но дека тие сепак ја ослабуваат позицијата на ДУИ во овие преговори.

– Сигурно сите тие средби што биле направени јавно или зад завесите тие удари секако ја ослабуваат позицијата на ДУИ во овие преговори. Тоа и јавно се гледа, рече Ахмети.

Во сегашната ситуација, според него, се соочуваат две политички партии со големо политичко и преговарачко искуство и работите не се во лош правец.

– Сум изјавил претходно, ќе изјавам пак, работите се толку блиску колку што се и далеку истовремено. Посакувам кај страните да доминира разумот, во прв ред да се постави интересот на државата. Има толку значајни процеси со коишто се соочуваме како земја и ние заедно ја зачленивме оваа земја во НАТО, заедно ги затворивме историските прашања во земјава и заеднички ја градиме европска Македонија. Ова е нашата мисија. И сега се надевам дека страните ќе работат ладнокрвно за да ги постават овие приоритети пред себе, рече Ахмети.

Тој смета дека јавноста не треба да се држи под притисок со информации што немаат покритие.

– Не мислам дека денеска можеме да заокружиме се. Мислам дека преговорите ќе продолжат и правиме напори да најдеме заеднички јазик во интерес на државата, рече лидерот на ДУИ.

Одговарајќи на новинарски прашања, во однос на Охридскиот рамковен договор, Ахмети рече дека неговата реализација е очигледна.

 

Изјава на претседателот на ДУИ, Али Ахмети – Deklaratë e kryetarit të BDI-së, Ali Ahmeti

Posted by MИА.mk on Четврток, 13 август 2020

Back to top button
Close