Ахмети за предлогот на Мицкоски за предвремени избори: Се гледаме во октомври, подготви се добро
Вчера Мицкоски даде предизвик да има заеднички парламентарни и локални избори следната година. Ајде да видиме колку држиш до зборот. Се гледаме во октомври, подготви се добро. Вака денеска лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одговори на повикот од премиерот Мицкоски кој вчера од собраниската говорница го упати до претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
„Да видиме дали ќе држи до зборот или ова го кажа само за да ја уплаши опозицијата на Македонците“,
рече Ахмети вечерва од тетовско Боговиње.
Тој додаде дека Мицкоски вчера немало да бара предвремени избори доколку тој бил во Собранието.
„Јас вчера не бев во Собрание и подобро што не бев бидејќи немаше да бара предвремени избори“,
додаде Ахмети.
Мицкоски вчера повикот го упати одговарајќи на пратеничко прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче вчера го повика Мицкоски да се повлече од функцијата бидејќи, како што рече, ги погазил своите ветувања.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘северна’. Е ајде премиере еве сега шанса во Собранието да го вратите мандатот. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков рбет“,рече Филипче.
Мицкоски, пак, на ова го повика на изборно соочување.
„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат“,
рече Мицкоски во одговорот.
По изјавата на Ахмети со реакција се огласи вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити кој на лидерот на ДУИ му порача дека треба да се подготви да биде уште долго време во опозиција.
„Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата. Пред да закажува мегдани, ДУИ би било добро да и одговори на јавноста каква понуда содржат СМС пораките кои му ги испратиле на премиерот Мицковски во времето кога се преговараше за новата влада, каква понуда ставија на маса во соба 161 во Парламентот емисарите на ‘Европскиот фронт’ додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преговараа за новиот владин кабинет и дали е точно дека само две министерства и дека претседателот на парламентот не беше понудата на ДУИ за ВМРО само за да бидат повторно во Владата“,
пишува Меџити на својот фејсбук-профил.
Според него, ова се прашањата на кои јавноста очекува одговори од ДУИ.
„Поттикнувачката реторика и фолклорот се сценарио веќе познато и прочитано од сите. Сѐ што донела таа реторика е зајакнување на екстремизмот и етно-националистичкиот сентимент изразен преку гласот. Затоа сте смешни и ништо повеќе“,пишува Меџити.