АХВ: Потврден нов случај на птичји грип, на сила и решение за заштитни мерки за болеста син јазик

Со лабораториски наод од Националниот институт за храна и ветеринарство при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) од 28.10.2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), потврдила нов случај на болеста високо патогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај една угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс Свети Јован во скопско Злокуќани.

Како што соопштија денеска од АХВ, направено е лабораториско тестирање на две живи птици (лебеди) кај кои не е утврдено присуство на вирусот. Денеска се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот, кај кои ќе се врши лабораториско тестирање за утврдување на присуство на болеста.

– АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип, наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар, се наведува во соопштението.

Покрај овие мерки наредено е и затворање на живината/птиците во нивните одгледувалишта, земање на мостри од угинати птици за утврдување на присуство на вирусот, забрана за одржување на саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од наведеното епизотиолошко подрачје.

Задолжително е пријавувањето на промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината и дивите птици, до надлежен официјален ветеринар, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето.

Се појаснува дека болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар. Се работи за зооноза од која првенствено заболуваат птиците, но и луѓето и затоа АХВ апелира на внимателност и преземање на заштитни мерки за категориите на лица кои се изложени на ризик (близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина).

АХВ донела решение и за воведување заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда овци и кози, на целата територија на земјава, по лабораториска потврда на присуство на болеста во две одгледувалишта во Демир Капија. Таму од 190 животни, угинати се 7, а десеттина се со клиничка слика карактеристична за оваа болест и зголемена телесна температура.

– Станува збор за болеста која задолжително се пријавува. Луѓето не заболуваат. Болеста Син јазик е неконтагиозно вирусно заболување кај домашните и дивите преживари. Претежно се јавува кај овците, но, заболуваат и говедата, козите, биволи, кај антилопите, елените, срните и камилите. Се пренесува преку инсекти (комарци) од видот Culicoides. Болеста не се пренесува од животно на животно. Векторите се заразуваат со вирусот по цицање крв од инфицирано животно, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Back to top button
Close