АХВ: Закланите коњи биле отстапени на чување во Зоолошката од страна на затворот „Идризово“

Повеќе од 1200 килограми месо од убиените коњи во скопската Зоолошка градина се запленети и уништени на депонијата Дрисла, изјави за „Вистиномер“ директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски.

Тој вели дека вчера, инспектори од АХВ заедно со полициските екипи излегле на терен и извршиле увид на местото каде што беа усмртени животните. Според Бабовски, Зоолошката градина воопшто не е регистрирана како кланица и со убивањето на коњите, прекршени се четири закони, за што ќе следуваат прекршочни санкции и за поранешниот директор Кристијан Стаменов и за правното лице.

Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, тоа мора да биде уништено, соопштија од АХВ.

Два коња, од набавените 11 коњи, 5 магариња и една мазга, сè уште се живи и тие ќе останат под надзор во Зоолошката градина.

Затекнавме две живи животни. Останатите беа умртвени, дел од месото беше спакувано, а имаше и трупови. Месото е одземено и уништено на депонијата Дрисла, бидејќи станува збор за месо на кое не му се знае потеклото. Утврдивме дека се прекршени четири закони, за безбедност на храна, за заштита и благосостојба на животните, за ветеринарно јавно здравство и Законот за идентификација и регистрација на животните, за што ќе следат санкции. Зоолошката градина своите потреби за храна за животните треба да ги набавува на тендер, а месо кое е од непознато потекло, непознат здравствен статус и не е одобрено од АХВ, не е безбедно за употреба, дури ни за животните, вели Бабовски за Вистиномер.

Од АХВ велат дека животните биле земени, односно отстапени на чување во скопската Зоолошка градина од страна на затворот „Идризово“. Затворот, пак, ги добил животните од Агенцијата за одземен имот, откако тие им биле одземени на дрвокрадци.

Од „Идризово“ тие се отстапени на чување во зоолошката, а не за убивање. Објектот на Зоолошката градина не е одобрен за вршење на таква дејност, тие се регистрирани единствено како одгледувалиште за животни кои се држат во заловништво. Оттаму, тие немаат право да ја вршат таа дејност. Освен тоа, Зоолошката градина треба да има едукативна, воспитна и научна дејност, а ова во целост ги надминува нивните надлежност, вели Бабовски.

За овој случај, Одделот за криминалистичка полиција и Одделението за криминалистички работи Карпош при МВР од слобода лиши пет лица, од кои четворица биле вработени во Зоолошката градина (Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), а еден, З.Р. (44) бил надворешен соработник. Подоцна, на разговор бил повикан и директорот, Кристијан Стаменов, кој вчера беше разрешен од функцијата в.д. директор од страна на Град Скопје. За шестмината ќе биде поднесена кривична пријава која ќе се проследи до обвинителството. Петмината вработени биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни.

 

 

Back to top button
Close