АХВ затвори 15 локали до училиштата, учениците купувале небезбедна храна

Во засилената инспекциска акција што Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја спроведе во последните десетина дена, затворени се 15 продажни места кои продавале храна со нарушена безбедност, претежно на ученици. Во истиот период биле извршени 445 контроли.

Инспекторите заплениле и уништиле 696 килограми производи со сомнително потекло и квалитет, кои биле оценети како небезбедни за употреба.

Според АХВ, контролите биле насочени кон дуќани, пекари, мини-маркети и други оператори со храна што се наоѓаат во близината на основни и средни училишта, бидејќи токму овие објекти се најчеста дестинација за учениците.

Проверените состојби покажале сериозни неправилности: кај 19 оператори била пронајдена небезбедна храна во продажба, 30 работеле во несоодветни хигиенски услови, а дури 26 воопшто не биле регистрирани во АХВ.

Дополнително, 16 оператори немале воспоставено процедури за добра хигиенска и производствена практика, а 32 не ги подложиле вработените на задолжителни здравствено–санирани прегледи. Тројца субјекти не спровеле дезинфекција, дезинсекција и дератизација, седум работеле без исполнети технички услови, а кај уште седум била пронајдена неправилно означена храна.

За прекршувањата биле изречени парични казни за 77 оператори, во вкупен износ од 36.470 евра, а издадени биле 103 решенија со задолженија за корекција на состојбите и 23 опомени.

Back to top button
Close