Џака: Поседуваме квалитет да ја елиминираме Мура

 Македонскиот првак Шкендија утре заминува за Мурска Собота каде во вторник ќе се обиде да му се реваншира на словенечкиот претставник Мура за поразот во Скопје од 0:1 рамки на првото квалификациско коло во Лигата на шампиони.

Играчот за врска на Шкендија, Камер Џака, во изјава за клупскиот сајт посочи дека македонскиот шампион може да ја елиминира Мура и да го продолжи настапот во елитното клупско натпреварување.

-Жалам што го загубивме првиот натпревар од Мура, особено што по долга пауза ги имавме нашите навивачи на трибините. Неверојатно е како не успеавме да постигнеме барем еден гол од толку многу шанси, кои ги имавме пред противничкиот гол. Не реализиравме пенал, а имавме и многу други шанси, особено јас и капитенот Егзон Бејтулаи во судиското продолжение, изјави Џака.

Сепак, сето тоа, посочува Џака, сега е зад нас и целото наше внимание е насочено кон реваншот.

-Знаме каков противник не очекува, увидовме дека можеме да ја играме нашата игра и единственото нешто што треба да го смениме е нашата реализација. Верувам дека имаме шанси да ја елиминираме Мура и да се пласираме во второто коло, додаде Џака.

Back to top button
Close