Академскиот независен синдикат предупредува: Новите закони го загрозуваат високото образование и автономијата на универзитетите

Независниот академски синдикат (НАкС) реагира на предложениот пакет закони за високо образование и наука, барајќи од Министерството за образование и наука (МОН) да го продолжи процесот на јавна дебата, со цел да се избегнат, како што велат, „непоправливи штети“ врз системот.

„Во сите три предложени текста очигледно е нарушувањето на универзитетската автономија, преку одземање на надлежностите на независните тела и нивно префрлање на МОН. Овие законски решенија не овозможуваат доволна независност во финансиското работење и оставаат простор за притисок од власта врз кадровските политики на високообразовните установи (ВОУ). Па, прашуваме – доколку меритот е критериум за вработување во ВОУ, зошто Владата не се откаже од своите патеки на влијание во кадровското управување на ВОУ? Дополнително, која е целта на централизацијата на управувањето во високообразовните установи, освен влијанието на власта преку раководните лица?”, прашуваат од Синдикатот.

Од НАкС информираат дека доставиле забелешки за сите три нацрт-закони, но дека значаен дел од нив не биле прифатени, а предложените решенија во суштина останале непроменети.

Синдикатот предупредува дека ваквите законски решенија оставаат простор за политичко влијание врз кадровските политики, финансирањето и управувањето со високообразовните установи. Посебно се критикува централизацијата на одлучувањето и зголемената улога на извршната власт во функционирањето на универзитетите.

Во однос на критериумите за избор во наставно-научни и научни звања, НАкС оценува дека тие се нереално поставени и тешко достижни, особено за младиот кадар, без соодветни услови за работа и финансирање. Наместо зголемување на квалитетот, предупредуваат дека ваквиот пристап може да доведе до одлив на млади научници и слабеење на академската заедница.

Според Синдикатот, во Законот за научноистражувачка дејност нема јасна стратегија за континуирано и предвидливо финансирање на науката, што го доведува во прашање спроведувањето на поставените стандарди.

Како проблем се наведува и предложеното формирање на нова Агенција за квалитет, во која МОН ќе има директно учество, што, според НАкС, не е во согласност со европските стандарди за независност.

Синдикатот бара од МОН да организира дополнителни консултации и средби со засегнатите страни, со цел да се изнајдат решенија што навистина ќе придонесат за унапредување на квалитетот на високото образование и науката.

Од НАкС нагласуваат дека остануваат отворени за соработка и конструктивен дијалог, но предупредуваат дека инсистирањето на предложените решенија во сегашната форма може да има сериозни последици врз развојот на академскиот сектор во земјата.

Back to top button
Close