Академскиот пленум на Србија: Вучиќ поттикнува граѓански насилства за да избегне избори
Академскиот пленум на Србија остро го осуди насилството врз студенти и граѓани што, според нив, го извршиле приврзаници и платеници на владејачката Српска напредна странка (СНС), како и бруталните интервенции на полицијата во повеќе градови, меѓу кои Нови Сад, Белград, Ваљево, Врбас, Ниш и Бачка Паланка.
Во соопштението се наведува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, прво најавил дека ќе има насилство од „другата страна“, мислејќи на опонентите, а потоа на улиците биле испратени групи кои напаѓале граѓани со пиротехнички средства, столици и камења, а во Нови Сад било забележано и вадење пиштол.
Во Ваљево, како што тврди Пленумот, полициски службеници насилно извлекувале луѓе од возила без да има отпор, при што бил претепан и малолетник на 15-годишна возраст. Според нив, полицијата брутално ги тепала веќе приведените додека лежеле на земја, што го оценија како тежок облик на тортура и понижување. На повеќе места полицијата, наместо да спречи напади, не реагирала или формирала кордони кои им овозможиле на насилниците да делуваат.
Академскиот пленум ги осуди и апсењата по завршувањето на протестите, кога полицијата, како што се тврди, ги следела и ги приведувала оние што останувале сами. „Ова е грубо кршење на правото на мирно собирање и слободата на движење и јасен доказ дека институциите функционираат како продолжена рака на режимот“, стои во реакцијата.
Пленумот го обвини Александар Вучиќ како клучен виновник за ескалацијата на тензиите, сметајќи дека тој е „подготвен да предизвика граѓанска војна само за да избега од одржување избори“ кои, според нив, ги губи.
Протестите во Србија траат повеќе од 9 месеци, а беа поттикнати од трагичниот пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица меѓу кои и македонски државјанин. Инцидентот предизвика широка јавна реакција и почеток на масовни студентски демонстрации.
Во рамки на протестите, студентите во Србија организираа и блокади на клучни улици и институции, а движењето доби поддршка и од македонските студенти кои ја изразија солидарноста со своите колеги преку јавни соопштенија.
Од Академскиот пленум на Србија ја повикаа академската заедница и сите граѓани да истраат во, како што велат, „борбата за поправедно општество во интерес на сите, а особено на нашите деца“.