Акценти од говори на видео самитот на Западнобалканската шесторка организиран од Атлантскиот совет

Потпретседателот на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон изјави денеска дека е важно лидерите од Западен Балкан да работат заедно за да воспостават заеднички пазар во корист на нивните граѓани, потенцирајќи дека тешки времиња бараат тешки одлуки.

Тој на видео самитот за лидерите на земјите од Западен Балкан рече дека регионот не бил конкурентен на пазарот, затоа што пазарите биле фрагментирани, а сега, за првпат, сите држави од регионот се рамноправни партнери.

Вилсон додаде дека лидерите се согласиле да преземат активности за стимулирање на економското закрепнување по пандемијата, да ја подобрат долгорочната конкурентност во регионот и да ја зајакнат атрактивноста за странските инвеститори.

Тој изјави дека тие се согласиле да ги применат четирите слободи на движење на ЕУ – стоки, услуги, капитал и луѓе, како и да идентификуваат инвестициски проекти.

– Длабоко сме благодарни за финансиската поддршка на Европската унија, но тоа не смее да биде изговор за нас да не придонесуваме во јакнење на нашите економии, нагласи денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, на видео-самитот на лидерите од Западен Балкан, организиран од Атлантскиот совет. „Не треба да ја потценуваме сопствената сила, силата на се што е во наши раце во регионот, но треба да сториме се што можеме за да градиме вистинска доверба во регионот“, рече Вучиќ. „Ние припаѓаме на Балканот и сакаме да создадеме вистинско економско опкружување, не само за нас, туку и за сите наши пријатели во регионот. Ако ги решиме нашите проблеми, ќе не ценат и почитуваат повеќе, не само во ЕУ, туку и во САД, додаде тој.

– Премиерот на   Косово, Авдулах Хоти, изјави дека регионот на Западен Балкан е поделен и недоволно економски интегриран, но, според него, постои волја меѓу лидерите да се отстранат инфраструктурните и бирократските бариери со цел економиите да соработуваат.

Хоти рече дека е сторено многу за интеграцијата на регионот, но дека мора да се признае дека Западен Балкан во голема мерка е поделен кога станува збор за економска интеграција.

„Се уште има бирократски бариери и голем број на прашања што треба да се решат, особено кога станува збор за законодавството, но и инфраструктура и други технички бариери“. „Нашите економии се индивидуално мали кога станува збор за пазарите. Ако работиме заедно, можеме да се надополнуваме“, рече Хоти.

„Регионот е поделен. Но, можам да кажам дека постои волја меѓу лидерите во регионот да работат заедно за да ги отстранат бариерите веднаш и да се вклучат во големи проекти што ќе ги поврзат нашите главни градови и земји”, рече Хоти.

– Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека иницијативата „Мали Шенген“ е многу поважна по пандемијата отколку порано и дека секој што го комплицира процесот го прави тоа од политички причини.

„Јасно е дека секој што го комплицира овој процес со приговори, го прави тоа само од политички причини и кратковиди политички ставови. Комплетна глупост е дека сите не се впуштаме во тоа затоа што зборуваме за четирите слободи на Европската унија”, рече Рама.

Тој додаде дека е важна брза имплементација на иницијативата за економска интеграција на регионот. „Некои (поради пандемијата) ќе бидат погодени од снабдувањето, некои од производството, а некои, како нас, ќе бидат погодени од угостителството со драстичен пад на туризмот“, рече Рама, додавајќи дека брзата и поголема соработка меѓу земјите би помогнала во компензација на потребите.

Развојот на регионот, како што рече тој, на Западен Балкан преку мир и соработка сега е поважен од кога било.

Back to top button
Close