Акција на израелската војска во центарот на Рамала на Западниот Брег, повредени десетици Палестинци

Израелската војска денеска изведе операција во центарот на Рамала, на окупираниот Западен Брег, насочена кон менувачница, при што, како што тврди Црвената полумесечина, биле повредени десетици Палестинци, соопшти организацијата.

– Силите извршија насочен напад на менувачница која префрлаше средства наменети за терористите на Хамас за финансирање на терористички активности против државата Израел и нејзините цивили, се наведува во соопштението на војската, која тврди дека запленила „стотици илјади шекели“ кои биле „наменети за тероризам“ и уапсила пет лица.

Најмалку 27 Палестинци се повредени за време на операцијата, се наведува во соопштението на палестинската Црвена полумесечина.

Оваа организација соопшти дека згрижила осум лица ранети од огнено оружје, 14 лица повредени од гумени куршуми и пет со рани од шрапнели, како и 31 лице кое настрадало од вдишување солзавец, вклучително и две бремени жени.

Израелски војници беа распоредени во центарот на Рамала, главно околу плоштадот Ал-Манара, во близина на пазарот, а некои војници беа забележани на високи згради во истите населби.

Иако израелската војска често дејствува на Западниот Брег, територија која Израел ја окупираше во 1967 година, релативно ретко интервенира во самите градови, особено во Рамала, каде што е седиштето на Палестинската управа.

Сепак, веќе интервенираше во палестински менувачници во последните години.

Сведоци изјавија дека војската се повлекла рано попладне.

Египет ја осуди оваа воена операција, осудувајќи ја „агресивната и екстремистичка политика на израелската влада“, како „главен фактор за дестабилизација на регионот“.

Насилството на Западниот Брег се интензивираше од почетокот на војната во Газа, предизвикана од терористичкиот напад на палестинското исламистичко движење Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.219 Израелци.

Back to top button
Close